X
 19.01.2024 Живот

Запознајте ја генерацијата алфа - децата на милениумците

Генерацијата алфа моментално е најдобрата етикета за опишување на младината на денешницата. Многу членови на оваа генерација се деца на милениумците (од кои најстарите ќе наполнат 43 години во 2024 година) и помладите браќа и сестри на генерацијата З (од тинејџери до возрасни кои се приближуваат до доцните 20-ти години).

Генерацијата алфа штотуку почнуваа да стануваат тинејџери и веќе можеме да го видиме нивното влијание врз културата. Од годините на нивното раѓање до нивните уникатни карактеристики, еве што треба да се знае за оваа генерација.

Годините на раѓање на генерацијата алфа


Милениумците се родени помеѓу 1981 и 1996 година, така што нивната возраст се движи од 27 до 42 години. Луѓето во нивните тинејџерски години и раните 20-ти припаѓаат на генерацијата З, кои се родени помеѓу 1997 и 2012 година. Генерацијата алфа е веднаш зад нив.

Повеќето извори наведуваат дека на генерацијата алфа ѝ припаѓаат луѓето родени од 2010 до 2024 година. Тоа значи дека најстарите членови на генерацијата алфа имаат 13 години, а најмладите ќе се родат наредната година. Иако оваа група е сè уште премногу млада за да има големо влијание врз музиката или модните трендови, тие ќе влезат во тинејџерските години во следната деценија. Брендовите веќе почнуваат да се насочуваат кон генерацијата алфа - првата генерација родена во ерата на социјалните медиуми и онлајн купувањето. Од денешните млади се очекува да сочинуваат голем дел од економијата како што стареат.

Марк Мекриндл, социјален истражувач кој ја измислил етикетата на генерацијата, проценува дека генерацијата алфа ќе порасне на повеќе од 2 милијарди луѓе, што ќе ја направи најголемата генерација во историјата.

Карактеристики на генерацијата алфа

Иако многу милениумци и зумери (членови на генерацијата З) пораснаа со компјутери, мобилни телефони и социјални медиуми во некоја форма, паметните уреди не беа сеприсутни во текот на нивното детство. Генерацијата алфа започна во 2010 година - годината кога беше објавен првиот „ајпад“. Ако некогаш сте ја користеле фразата ајпад-бебиња за да ги опишете децата на кои им се даваат таблети наместо цуцли, тогаш зборувате за генерацијата алфа.

Покрај тоа што пораснаа со екраните на допир, членовите на генерацијата алфа се воспитувани во семејства кои гледаат поинаку од претходните генерации. Денешните деца имаат поголема веројатност да бидат деца-единци, да имаат постари родители и да растат во домови во кои не се вклучени и двајцата биолошки родители отколку нивните претходници.
Ковид-19 е уште еден огромен фактор кој ја обликува оваа генерација. Децата родени на почетокот на пандемијата ќе наполнат 4 години во 2024 година. Голем дел од генерацијата алфа нема да има спомени од животот или образованието пред ковид.

Сè уште е рано да се каже како овие услови ќе влијаат врз генерацијата алфа. Некои експерти шпекулираат дека растењето во доба на социјално дистанцирање може да влијае врз нивниот социјален развој, а користењето паметни уреди од мали нозе може да ги направи нетрпеливи. Други предвидуваат дека ќе бидат поотпорни и пообразовани од генерациите пред нив. Без разлика како ќе излезе генерацијата алфа, може да сметате дека постарите генерации ќе најдат нешто за нив за кое постојано ќе се жалат.

Извор: Mental Floss
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот