X
 28.08.2024 Живот

Наместо родителите, роботакси ќе ги носи децата на училиште и на активности

Родителите чии деца живеат далеку од училиштата и кои често мораат да ги возат на оддалечени воннаставни активности мора да го приспособат целиот свој деловен и личен распоред на децата и нивните потреби за превоз. Ова не им одговара на родителите што имаат повеќе деца и често мораат попладневните часови да ги поминат во улогата на возач.

Но, во САД, односно на ограничените пазари каде што е достапна нивната услуга, тимот од „Вејмо“ дошол до интересна идеја. Станува збор за компанија која е дел од „Алфабет“ на „Гугл“ и со години многу успешно нуди услуги за роботакси.

Така, новата услуга наречена „Вејмо тин“ би била достапна за тинејџерите. Имено, наместо родителите да ги возат до училиште и на различни воннаставни активности, тие ќе можат да повикаат роботакси што ќе ги однесе до саканата локација. За да можат децата да ја користат оваа услуга, прво треба да добијат одобрение од родителите или старателите, а секогаш кога децата ќе влезат во роботакси и кога ќе излезат, на родителите ќе им се испраќа порака за да знаат каде се наоѓаат нивните деца.

Оваа компанија размислува за ваков вид услуга за тинејџери и таа не е официјално претставена, но моментално спроведуваат анкети меѓу нивните корисници за да дознаат дали има интерес за ваков тип услуга. Изгледа дека приоритет не им се индивидуалните возења на тинејџерите, туку размислуваат за некаква претплатна услуга, чие користење би се наплаќало меѓу 150 и 250 долари, што би вклучувало и до 16 возења месечно.

Иако роботаксијата во САД често се мета на разни критики, а со нив имаше и инциденти, автономните возила на „Вејмо“ досега се покажаа како исклучително безбедни. Од оваа компанија велат дека нивниот „Вејмо-возач“, односно автономната технологија, е најдобриот возач во светот, што го докажуваат со различни статистики, а нема информации дека нивните автомобили учествувале во големи сообраќајни несреќи или дека некој во нивните автомобили е тешко повреден.

И покрај тоа, прашање е кој денес би сакал да го стави своето дете во рацете на технологијата и да го остави да седи во автомобил во кој нема возач.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот