X
 19.02.2024 Живот

Чет-бот измислил попуст на билети, па авиокомпанијата мора да го испочитува

Интересен случај кој покажува неочекувани последици од користењето на вештачката интелигенција за завршување  здодевни и повторувачки задачи. Имено, канадската авиокомпанија „Ејр Канада“ користи чет-бот за комуникација со клиентите. Таа во никој случај не е единствената што воведе ваква услуга, туку прва што ги чувствува финансиските последици од неа.

Во 2022 година нивниот чет-бот за поддршка на клиентите го советуваше клиентот како да избегне да ја плати целата цена на авионскиот билет. Клиентот Џејк Мофат го прашал чет-ботот дали може да искористи попуст во случај на смрт во семејството за да купи поевтин билет за авион, неколку дена пред датумот на летот за да може да стигне на погребот на баба му. Чет-ботот бил подготвен да му помогне, па му излегол во пресрет и измислил ново правило.

Тој го советувал Мофат да купи редовен билет, а потоа да ја пријави смртта и ретроактивно да побара од авиокомпанијата да му врати дел од трошоците. Дури и му дал рок од 90 дена во кои наводно можел да го направи тоа.

Проблемот бил што вакво правило не постоело. „Ејр Канада“ дозволува купување билети со попуст во случај на смрт, но само ако е наведено пред купувањето на билетот. Опцијата за рефундирање на трошокот не постои, туку едноставно е резултат на халуцинацијата на овој чет-бот.

Клиентот не бил задоволен, па целата работа ја извел на суд. „Ејр Канада“ се бранела со аргументот дека не е одговорна за лажните одговори на чет-ботот. Но, судот застана на страната на клиентот, наведувајќи дека авиокомпанијата е целосно одговорна за содржината на својата веб-страница, вклучувајќи ги и одговорите на чет-ботот.

Така, „Ејр Канада“ ќе мора да му ја плати на Мофат разликата во цената. Тоа е разлика од 650 канадски долари помеѓу редовниот билет и билетот со попуст, плус судските трошоци.

Но, многу поважно е што оваа пресуда е преседан така што секој што „вработува“ чет-ботови за овие работни места мора да има на ум дека тоа може скапо да го чини.

Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот