X
 11.07.2023 Живот

Авион не можел да полета поради тежината, па понудил пари за патниците што ќе се откажат од летот

Необична сцена се случила на аеродромот „Аресифе“ на шпанскиот остров Ланзароте - авион од авиокомпанијата „Изиџет“, кој требало да полета за Британија, бил претежок.

Летот од аеродромот Ланзароте до аеродромот во Ливерпул бил одложен поради тежината и лошите временски услови. Авионот требало да полета во средата во 21 часот и 45 минути, но од шпанскиот аеродром полетал дури околу 23:30 часот.

На видеото снимено од патник се слуша пилотот како вели: - Ви благодариме што дојдовте денес. Бидејќи ве има многу, авионот е доста тежок. Тежината на авионот во комбинација со прилично кратката писта и моменталните неповолни услови значи дека е премногу тежок за да полета. Безбедноста е наш приоритет број еден. Нема шанси со сегашните услови на ветерот да го кренеме овој авион во воздух. Има голем број фактори - многу е жешко, ветерот не е фантастичен, правецот не е одличен.

- Можеби се прашувате што ќе се случи следно. Разговарав со нашиот оперативен тим и еден од начините да се реши проблемот со тежината на авионот е да го направиме малку полесен. Ако е можно, би сакал да замолам 20 волонтери да се пријават за да не летаат за Ливерпул вечерва. Ако некој се пријави како волонтер, „Изиџет“ ќе му понуди до 500 евра - рече пилотот.

Патниците со неверување одмавнувале со главите, но некои од нив ја прифатиле понудата. Портпаролот на „Изиџет“ рече дека 19 патници биле префрлени на подоцнежен лет бидејќи авионот ја надминал границата на тежина за временските услови. Авионот полетал дури во 23 часот и 24 минути, а на аеродромот во Ливерпул пристигнал нешто по 3 часот по полноќ.

- Ова е рутинска оперативна одлука под овие околности и ограничувањата на тежината се во сила за сите авиокомпании од безбедносни причини. Во случај летот да ја надмине дозволената тежина, ги молиме патниците доброволно да се пријават за бесплатен трансфер на подоцнежен лет, кој во оваа пригода се случи, а на волонтерите им беше обезбеден надоместок соодветен со прописите. Безбедноста и благосостојбата на нашите патници и членови на екипажот се секогаш најголем приоритет - велат од авиокомпанијата.

Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот