X
 19.03.2021 Образование

Повеќе од 100 пријавени да работат на новите наставни програми во основно образование

Веќе се формирани комисиите кои се составени од практичари/наставници, како и универзитетски професори, а се координирани од советниците. Започнуваме со изработка на наставните програми. Освен тоа, ќе следуваат и серија обуки низ неколку модули за одделенските наставници низ државата, кои наместо од јуни, ќе започнат од април, велат во БРО

На конкурсот за ангажирање надворешни соработници што ќе учествуваат во изработката на осум наставни програми за предмети во основното образование беше предвиден ангажман на 32 надворешни соработници, а се пријавија повеќе од 100 наставници и професори, што е најголем број досега на пријавени соработници, велат во Бирото за развој на образованието - БРО.
Откако беше презентирана новата концепција за основно образование, за која јавно се расправаше и во Собранието, на 5 март министерката Мила Царовска ги повика наставниците и стручните лица што ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот, со цел заедно со советниците од Бирото да ги подготват новите наставни програми за учениците од прво до петто одделение, согласно наставниот план во усвоената Концепција за основно образование.

- Одѕивот овој пат беше навистина голем, особено од страна на наставниците. Веќе се формирани комисиите кои се составени од практичари/наставници, како и универзитетски професори, а се координирани од советниците. Започнуваме со изработка на наставните програми. Освен тоа, ќе следуваат и серија обуки низ неколку модули за одделенските наставници низ државата, кои наместо од јуни, ќе започнат од април. Обуките ќе бидат поделени во три циклуси и ќе се одржуваат во април, јуни и во август. Од септември, пак, ќе продолжи континуирана поддршка за наставниците - информира Митко Чешларов, раководител во Бирото за развој на образованието.


Митко Чешларов

Од септември по ново ќе се учи во прво и во четврто одделение. Штом ќе се изработат новите програми, ќе почне подготовката на учебници. Од прво до трето одделение учениците ќе добијат нови учебници во печатена форма, како досега, а од четврто до деветто одделение учебниците ќе бидат во дигитална форма. Сепак, останува можноста истите да се печатат по желба на учениците и наставниците.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование