X
 04.04.2023 Образование

Нов проект на УКЛО: „УКЛО неформално учење“

Со еднодневна сесија од три интерактивни работилници наменети за студенти започна проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“.

Студентите од УКЛО учесници на обуките имаа можност за лична надградба низ темите: Алатки за комуникација со медиумите, Вештини за јавно говорење и култура на говорот и Комуницирање со јавност и јавни настапи.

Дипломираните новинари, м-р Соња Тантарова-Груеска, главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ, и м-р Елизабета.А. Атанасоска од Ректоратот на УКЛО, задолжена за односи со јавноста, со студентите реализираа практична обука за пишување покани, соопштенија, одржување прес-конференции, брифинзи и сл. Низ вежби за успешна комуникација тие разговараа за користење и на други алатки за воспоставување и одржување комуникација со медиумите и почитување на принципите за соработка. Студентите од УКЛО на овој начин се запознаа со основите за комуникација со медиумите: да бидат достапни, професионални, да почитуваат рокови, да ја кажуваат вистината, да бидат добро информирани и одговорни и воедно, да бидат добар извор на квалитетни и проверени информации. Меѓу целите на работилницата се најде и темата за големата улога на медиумите и нивните содржини и важноста за изградба на што пореална слика, потребната медиумска писменост и добрата информираност. Резимирајќи ја работилницата, м-р Соња Тантарова-Груеска, главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ, вели дека моќта и влијанието на медиумите се стари колку што се стари и самите медиуми. Несомнено тие се дел од нашето секојдневие, но факт е дека малку се знае како функционираат, а уште помалку каков треба да е односот со нив за како алатка да се стават во употреба при промовирањето на одредени настани, активности и слично.

1

Да се разберат медиумите е важно како за оние што работат во нив така и за оние што преку овие средства ги пренесуваат своите пораки. Затоа сметавме дека е добро да ги запознаеме студентите со алатките преку кои можат да комуницираат со медиумите, да стекнат вештини за самопромоција, да научат како да се прикажат пред јавноста. како да се однесуваат со новинарите, како да настапуваат пред медиумите, да се претставуваат себеси и да бидат вистинско огледало на Универзитетот. На работилницата студентите учеа да пишуваат соопштение за јавност, како да организираат прес-конференција, да бидат подготвени кога одговараат на новинарски прашања, да внимаваат на држењето, говорот, облеката, на сето она што навидум е едноставно, но сепак бара добра подготовка.

Во рамките на работилницата „Вештини за јавно говорење и култура на говорот“, проф. д-р Билјана Граматковски на мошне популарен и несекојдневен начин ги обучуваше студентите за јавен настап, особено затоа што модернaта публика почитува соговорници кои треба да бидат искрени, да имаат добро знаење со убедување во темата што ја говорат, со користење едноставни, природни и впечатливи зборови и изрази. Студентите низ необични вежби имаа можност да работат на подобрување на вештините за јавно говорење, аргументирано изразување, да остваруваат поуспешни презентации што ќе им користат и пред работодавците, како и за унапредување на професионалната кариера. Професорката Граматковски смета дека модерната, едуцирана публика бара од говорникот да биде искрен, да има добро знаење за нешто важно и корисно, во целост да ги внесе своите чувства и убедувања во темата што ја говори и да ја прикаже суштината на својот говор со едноставни, природни и впечатливи зборови и изрази.

- Кога со студентите дискутираме за „jавен настап“, секогаш започнувам со прашањето од што најмногу се плашат. Најчестиот одговор е смртта, секако, но истражувањата укажуваат на фактот дека на високо второ место котира стравот од јавен настап. Тоа не става веднаш до смртта, нели? Но храброста е главна одлика на мажественоста и на женственоста, додаваат студентите.

2

Во прилог одат и податоците од една анкета, кои укажуваат на тоа дека меѓу 480 анкетирани компании и јавни организации, комуникациските вештини, вклучувајќи го и говорништвото, се најбараните особини кај работодавците. Во друга анкета, студентите замолени да ги рангираат вештините клучни за нивен успех во кариерата даваат еден и ист одговор – усната комуникација и успешна презентација. Во оваа насока е заокружен и првиот серијал од проектот за неформално учење, со обуката „Комуницирање со јавност и јавни настапи“. На инвентивен начин, професорката, д-р Снежана Мојсовска-Саламовска ги анимираше студентите од различни профили за методологијата од организацискиот маркетинг и комуникациите и овозможи интересна дебата во која на занимлив начин се дискутираше за добар јавен настап, потребата за компетенција, усовршување на себеси, јакнење на самоувереноста и сугестибилен пристап. Професорката Саламовска оценува дека неформалното образование дава други можности за разлика од формалното. На овој начин академијата на еден друг начин се доближува до студентите, може да се реализираат поинакви вежби и дискусии.

4

- Oвие проекти за неформално учење ни даваат можност да се доближиме до студентите и да покажеме дека образованието може да биде поинакво, да биде забавно учење, но единствено како надополнување на формалното учење. Овие знаења се корисни бидејќи им се потребни на сите, а не се изучуваат на сите единици. Во пракса, веднаш по дипломирањето студентите се соочуваат со презентација, со јавен настап и опасно е да се настапува во јавност неподготвен. Но, каде да ги стекнат тие знаења, а од друга страна, не може да не се комуницира со јавноста, независно дали е потесна или поширока. Затоа, непроценлива е вредноста на овие знаења токму поради тоа што студентите доаѓаат од различни профили и секој од нив ќе најде начин како да си ги вклопи и да ги користи. Инаку, можат да научат на погрешно место, од погрешен извор. Ова е начинот да стекнат вистински, правилни знаења од професионалци, на начин кој ќе им помага, ќе им користи и нема да бидат злоупотребени, бидејќи овде не се работи за бизнис-интереси, овде се работи за една општествена одговорност на Универзитетот кој ги ангажира своите вработени надвор од редовните задачи, со цел да се подигнат капацитетите на студентите.

Проектот УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ се одржува во Студентскиот информативен центар на Универзитетот и започна на 3 април 2023 година. Студентите имаат можност за лична надградба преку обуки структурирани во два пакета: за поттикнување на креативност, иновативност и мотивирачко опкружување за учење, како и работилници за поттикнување современи истражувачки и создавачки пристап и знаење.

Инаку, обуките и термините на одржување УКЛО ги постави на својата веб-страница на СИЦ календарот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование