Бидејќи 3Д-печатењето стана повообичаено, тоа обезбеди пригоден начин за создавање прототипови, додатоци и фигурини. Сепак, јапонската компанија за 3Д-технологија „Серендикс партнерс“ неодамна покажа дека со 3Д-печатењето може да се направи и сферична куќа во која всушност можете да живеете.
Дизајнирана од Масајуки Соно, победник на предизвикот за 3Д-печатење за живеалишта на НАСА во 2015 година, куќата од 10 квадратни метри се проценува дека чини околу 34.700 долари. Релативно ниската цена е овозможена бидејќи овие 3Д-печатени куќи можат да се изградат за помалку од 24 часа со минимален човечки напор.
Со помош на своите домашни и странски партнери, „Серендикс“ испечати армирано-бетонска рамка од 20 метрички тони за куќата. Целиот процес траеше 23 часа и 12 минути, од кои три часа беа искористени за склопување на парчињата.
Дополнително, „Серендикс“ вели дека 3Д-печатената куќа ги исполнува јапонските стандарди за земјотреси и европските изолациски стандарди, што значи дека може да издржи тешки временски услови како тајфуни и земјотреси.
„Серендикс“ не ја покажа, ниту ја спомена внатрешноста на куќата, ниту дали таа била вклучена во времето на изградба. Но, од компанијата велат дека значително време е потрошено за нанесување боја на надворешноста на куќата. Со автоматизиран процес може ефикасно да се намали вкупното време на изградба.
„Серендикс“ има намера да ги продава овие 3Д-печатени куќи како кабини за кампување, куќи за одмор и засолништа при катастрофи.
Фото: Tecture Mag