Една јапонска компанија за железнички превоз упати јавно извинување откако еден од нејзините возови тргнал од станицата 20 секуди пред определеното време за поаѓање.
Управата на линијата „Цукуба експрес“ помеѓу Токио и Цукуба, соопшти дека „искрено се извинуваат заради непријатноста“ предизвикана со прераното тргнување, пренесува
Би-би-си.
Во соопштението се наведува дека возот требало да тргне точно во 09:40:40 по локално време, но наместо тогаш, заминал во 09:40:20, затоа што екипажот не го проверил добро распоредот, пренесува „Фена“.
Во соопштението се додава дека немало никакви жалби на прераното тргнување од станицата Минами Нагарејама, северно од Токио.
Многу корисници на социјалните мрежи реагирале изненадено на соопштението на оваа компанија. „Цукуба експрес“ ги пренесува патниците од Акихабара во источен Токио до градот Цукуба за околу 45 минути.
Возовите во Јапонија ретко кога поаѓаат во поинакво време од наведеното во распоредот. Јапонските железници спаѓаат во најсигурните на светот.