X
 19.04.2018 Живот

Зошто жените озборуваат?

Озборувањето може да служи како оружје што жените го користат една против друга кога се натпреваруваат за маж, покажува една статија објавена во академскиот „Журнал за експериментална социјална психологија“. Во статијата се наведува дека е поверојатно жените да шират штетни информации или да не кажуваат позитивни информации за оние жени што ги сметаат за закана, директна или индиректна, за нивниот успех на љубовно поле.

Ова може делумно да објасни зошто средните училишта често се неверојатно сурови социјални средини за младите девојки, а тоа го сугерираат и личните искуства наведени во текстот.

- Кога бев во средно, имаше една нова девојка што им се допаѓаше на многу момчиња. Две девојки шетаа наоколу со петиција која самите ја направиле и ги тераа момчињата да потпишат дека никогаш нема да излезат со неморална девојка. Бријана и Мекензи ѝ дадоа на Џени шифрирано име и почнаа да ја нарекуваат „влакнеста“. Тие на сите им кажаа дека Џени одела со момчиња во шумата зад фудбалското игралиште. Бријана и Мекензи направија клуб именуван „Мрази ја Хериет“. Ги натераа сите девојчиња да се приклучат, освен две на кои не им беше гајле - се присетува Хоуп.

1

Фото:Freepik

Истражувачите направиле пет студии за да ги испитаат факторите што придонесуваат за една жена да ја уништи репутацијата на друга жена. За првите четири студии жените што учествувале требало да пополнат интернет-истражување. Во првата студија, на учесничките им била покажана фотографија од привлечна жена и од нив било побарано да замислат дека таа само што се придружила на нивната социјална група.

Од половина од учесничките било побарано да одат чекор понатаму и да замислат дека привлечната жена флертува со нивните момчиња.Тогаш на учесничките им биле дадени позитивни и негативни лични информации за привлечната жена, како тоа дека спие многу и дека донира во добротворни организации. Потоа од учесничките било побарано да оценат колку мислат дека е веројатно дека ќе споделат некоја од тие информации.

Резултатите покажале дека е поверојатно жените да споделат негативни информации и да ги премолчат позитивните доколку се најдат во ситуација привлечната жена да флертува со нивното момче.

Резултатите од другите истражувања биле слични - поголема била веројатноста учесничките да озборуваат некоја друга жена што е привлечна или носи облека која открива повеќе отколку што треба. Со други зборови, жените, особено оние што имаат натпреварувачки дух, озборуваат кога сметаат дека некоја друга жена е закана за нивниот љубовен живот.

За разлика од првите четири, за петтата студија биле искористени директни интеракции, наместо истражувања на интернет. Истражувачите сакале да тестираат дали нивото на сексуална отвореност - демонстрирана преку носење секси или конзервативна облека - ја погаѓа волјата на учесниците да озборуваат привлечна жена со која комуницираат лично.

Вкупно 104 жени биле ангажирани во лабораториска студија опишана како студија за тоа како луѓето работат заедно во групи. На секоја учесничка ѝ се придружувале две други „учеснички“, кои всушност биле дел од проектот.

На пример, на секоја учесничка ѝ било кажано да работи со Франческа на една загатка додека трета жена работела во друга просторија. Додека работела на загатката, Франческа би му признала на секој учесник дека е мамурна и дека спиела со двајца мажи претходната вечер.

По неколку минути, инструкторот би ѝ кажал на Франческа да замине и другата девојка да влезе во просторијата и да почне да работи со учесничката на загатката. Тогаш девојката, која глуми дека е учесничка, би ја прашала учесничката како поминала со другата девојка.

Согласно заклучоците од другите студии, истражувачите утврдиле дека учесничките биле посклони да споделат информација која би ја уништила репутацијата на Франческа кога носела облека што открива повеќе отколку кога била пристојно облечена. Со други зборови, жените ја озборувале Франческа кога ја гледале како индиректна закана за нивниот љубовен живот.

Како и да е, некои жени ја озборувале Франческа со поалтруистички зборови, велејќи: „Загрижена сум за неа“. Не е јасно дали тоа навистина е загриженост или обид да изгледа како да не озборуваат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот