Заглавени патници и мачка прилепена за врата на автомобил во надојдената вода станаа значајни моменти оваа недела во Дубаи, бидејќи вообичаено сушниот град доживеа историски нивоа на дожд. Тврдењата што станаа вирални посочуваат дека поплавата настанала со „сеење облаци“ - техника чија цел е да ги зголеми врнежите, а е многу користена во Обединетите Арапски Емирати.
Но, дали е навистина така?
Даниел Свејн, климатски научник од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, вели дека за да се дојде до екстремни врнежи што уриваат рекорди, треба да се сфати науката што стои зад таа појава.
Што е „сеење облаци“?
Се работи за техника што се користи за подобрување на врнежите. Според Институтот за истражување на пустини, научниците го прават тоа со поставување ситни честички наречени јадра во атмосферата, кои се прикачуваат на облаците.
- Овие јадра обезбедуваат основа за формирање снегулки. Откако ќе се примени техниката, новоформираните снегулки брзо растат и паѓаат од облаците на површината на земјата, зголемувајќи ги снежните наноси - велат од Институтот.
На Блискиот Исток, наместо врнежи во форма на снег, програмата за „сеење облаци“ генерира зголемена појава на дожд. Научниците обично работат на оваа техника на два начина - користејќи или генератори на земја или дистрибуирање на јадрата преку авион.
Што го предизвикало дождот во Дубаи?
- Дали „сеењето облаци“ одигра улога? Веројатно не. Но, дали е поврзано со климатските промени? Веројатно да!- смета Свејн.
Светот продолжува да регистрира рекордни горештини секој месец, а 2023 година беше најтоплата година на глобално ниво некогаш забележана. Научниците откриле дека потоплите температури го зголемуваат испарувањето, што резултира со почести и поинтензивни бури, како онаа што се случи во Дубаи. Тие услови, исто така, поттикнуваат други екстремни временски настани, вклучително и суши.
Ендрју Круцкевич, постар истражувач во Климатското училиште во Колумбија, изјавил дека не верува оти во моментот има тековни докази дека „сеењето облаци“ ја поттикнало појавата на енормните дождови во Дубаи.
- Овој настан беше прогнозиран прилично добро неколку дена однапред и мислам дека е малку веројатно оти операцијата за сеење облаци ќе се придвижи, со оглед на добро прогнозираните интензивни врнежи - смета тој.
Националната управа за кризи и управување со вонредни состојби во Дубаи издала предупредувања за временските услови уште пред пристигнувањето на бурата, повикувајќи ги луѓето да се придржуваат до локалните упатства од властите и барајќи од нив да останат дома и да заминат само во случај на вонредна состојба.
Метеорологот Рајан Мау, поранешен главен научник во Американската национална управа за океани и атмосфера, дава поконечен одговор:
- Сигурно не се работи за сеење облаци. Ако тоа се случило, тогаш ќе имаат дождови цело време. Кога станува збор за контролирање на поединечни дождовни бури, ние не сме ниту блиску до тоа. Поплавата повеќе зборува за прашањата околу тоа кои се мерките за отпорност што се интегрирани во оперативните процедури за стандардно урбанистичко планирање. Речиси насекаде на Земјата постои ризик од поплави. Сепак, бидејќи тоа не е најчестиот тип на екстремен настан, понекогаш е пониско на листата со приоритети кога треба да се донесат одлуки околу инфраструктурата или отпорноста, или само урбаниот развој воопшто.
Колку беа значајни поплавите во Дубаи?
Повеќе од 14 сантриметри дожд паднале над Дубаи во рок од 24 часа. Иако нумерички тоа не изгледа многу, сепак е повеќе од она што градот го гледа во една просечна година, а другите делови на ОАЕ забележале уште повисоки нивоа.
Дубаи е вообичаено суво место и градската инфраструктура не била подготвена за вакви врнежи. Системите за одводнување биле преоптоварени и меѓународниот аеродром во Дубаи, еден од најфреквентните во светот, морал привремено да ја сопре работата.
Дали „сеењето облаци“ е ефикасно?
Според Институтот за истражување на пустините, колку е ефективно „сеењето облаци“, зависи од конкретниот проект во кој се користи. Цитирајќи неколку студии, од институтот велат дека техниката помогнала да се зголеми вкупната снежна покривка во некои области за најмалку 10 отсто годишно. Друга студија покажала дека петгодишниот проект во Нов Јужен Велс, Австралија, резултирал со зголемување на снежните врнежи за 14 отсто.
Националниот центар за метеорологија на ОАЕ ја започнал Истражувачката програма за зголемување на врнежите, за да ја унапреди технологијата, велејќи дека за регионите со суши низ светот, „сеењето облаци“ може да понуди остварлив, рентабилен додаток на резервите на вода. Многу региони дури и надвор од Блискиот Исток страдаат од проблеми со недостиг на вода, вклучувајќи ги Колумбија, Мексико и Хаваи.
Извор: cbsnews.com
Фото: Screenshoot/CBS News