X
 19.04.2024 Живот

Том Хенкс вели дека овој филм го гледал дури 120 пати

Том Хенкс е еден од најомилените холивудски актери. Откако го сними својот дебитантски игран филм во 1980 година, тој е постојано присутен на големите и малите екрани. Тој постигна една од најлегендарните гласовни изведби како Вуди во анимираниот филм „Приказна за играчките“ и доби „Оскар“ за улогата на Форест Гамп.

Веројатно сте гледале некои од филмовите на Хенкс повеќе од еднаш, но тој толку многу се восхитува на една класика на Стенли Кјубрик што ја гледал околу 120 пати.

Во интервју за „Колајдер“, познатиот актер откри дека го обожава филмот „2001: Вселенска одисеја“. Овој филм од 1968 година засекогаш го промени односот кон жанрот научна фантастика, кој во тоа време сè уште се доживуваше како нешто несериозно.

„2001: Вселенска одисеја“ е заснован на книгата на Артур К. Кларк и се занимава со темата на вештачката интелигенција, влијанието на вонземјаните врз животот на Земјата и човечката еволуција.

Филмот се состои од неколку поврзани сегменти, почнувајќи од „Зора на човекот“, кој покажува како праисториските хоминиди ја откриваат употребата на алатки откако ќе се сретнат со мистериозен црн монолит. Овој монолит, кој се појавува низ целиот филм, претставува напредна вонземна интелигенција која влијае врз еволуцијата на човештвото.

Следниот сегмент го поместува дејството кон иднината, каде што е пронајден монолит на Месечината, а неговото откривање предизвикува сигнал до Јупитер. Ова води до мисија до Јупитер со екипаж составен од астронаутите Дејв Бауман и Френк Пул и вештачката интелигенција ХАЛ 9000 што управува со вселенскиот брод Дискавери.

Филмот потоа се фокусира на односот помеѓу екипажот и ХАЛ, кој станува несигурен и почнува да покажува знаци на погрешна логика и автономно однесување, што доведува до смртоносен конфликт. Бауман успева да го деактивира ХАЛ и сам го продолжува своето патување до Јупитер.

Филмот завршува со загадочна сцена во која Бауман се трансформира во Ѕвезденото дете, суштество слично на фетус кое лебди над Земјата, сугерирајќи нова фаза во еволуцијата на човештвото.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот