X
 30.09.2018 Култура

ИФФК „Браќа Манаки“ заврши со наградите за најдобрите кинематографери

Јужнокорејскиот кинематографер Кјонг Пио Хонг ја доби златната „Камера 300“ на 39-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, за филмот „Горење“, во копродукција на Јужна Кореја и Јапонија.

-Најдобро раскажана филмска приказна од сите што ги видовме, секое движење зад камерата пренесуваше некакво чувство. Совршена комбинација на забава и уметност и снимена на начин кој што природно доаѓаше на приказната. Одлично дело за оваа камера е тоа што успеа да ја стави публиката во главата на главниот актер - рече претседателката на  интернационалното жири на фестивалот, Олимпиа Митилинеу, кинематографер од Грција.

2

Сребрената „Камера 300“ жирито му ја додели на францускиот кинематографер Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“ во кинеско-француска-јапонска копродукција.
 
-Посведочивме како се менуваат времињата, љубовта, но камерата никогаш не беше избрзана. Беше беспрекорна и неуморно го следеше филсмкото дејствие. Тоа е една бунтовна и интимна приказна, а таква е и камерата - рече Матијас Толструп, кинематографер од Данска.

-Оваа награда е врзана за самиот режисер Џија Џанг Ке со кој што навистина сакам да ја споделам како и со остатокот од екипата. Имавме прекрасно искуство снимајќи го филмот. Беа многу инспиративни и главните актери  како и остатокот на екипата. Оваа награда ја посветувам на еден од оние кои што беа моја инспирација кога станав кинематографер, Робин Милер, а во филмот може јасно да се прочита неговото влијание врз мене - рече Готје при врачувањето на наградата. Тој беше единствениот присутен од наградените кинематографери.

3

Добитник на бронзената „Камера 300“ е полскиот кинематографер, Лукаш Жал, за филмот „Студена војна“.

-Камерата беше еден многуте брилијантни аспекти на овој филм којшто проследува епска љубовна приказна. Тоа е филм кој што ја слави долгата традиција на кинематографијата, а ние чувствуваме дека сликите во филмот се безвременски. Тие брилијантно ги доловија промените на атмосферата во различните епохи и места - рече за победничкиот филм, македонскиот режисер Ѓорче Ставревски, член на интернационалното жири.

3

Малата„ Камера 300“ ја доби кинематограферот Адрик Вотсо за краткиот филм „Сите овие суштества“. Како што рече жирито, камерата совршено ја надополнува приказната на филмот, кој се занимава со многу важна тема, е многу хуман и има прекрасно раскажување.

-Со страст зборувавме за филмот и за филмската уметност. Фестивалот „Браќа Манаки“ е чудесно место каде се учат нови работи и се создаваат нови врски. Првата одлука што ја направивме како жири беше тоа што се согласивме да ја оценуваме камерата заедно со севкупниот квалитет на филмот. Живееме во ера на слики кои ги користиме за да ракажуваме приказни, но она што е најтешко во филмот е да се најде вистинската слика што нужно не мора да биде најубавата слика. Добро избалансирана камера ги допира чувствата, но не е цел сама по себе - изјави Олимпиа Митилинеу.

4

Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, на затворањето им се заблагодари на сите кои учесвуваа во создавањето на 39-то издание на фестивалот и на битолската публика.

По завршувањето на премиерата на краткиот филм „Скаут“, пред публиката се поклони екипата на филмот и режисерот Алекс Цветков.

По филмот „Скаут“, кој се прикажа надвор од официјалната конкуренција, публиката во Центарот за култура во Битола го проследи и последниот филм од главната програма, „Последниот Кју-Клус клановец“ во режија на Спајк Ли.

Во текот на осумте фестивалски денови на ИФФК „Браќа Манаки“, се прикажаа 95 филмски наслови во 14 програми, на едно место се собраа кинематограферите од Блаканот и се одржаа мастер класови со годинешните лауреати Роџер Дикинс и Клаудија Кардинале.

Симнуваме капа на сите добитници!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура