X
 17.09.2021 Култура

Омилените книги на најпознатите филмски режисери

Треба да креирате приказна, да ја поставите и на крај сето тоа да го преточите на големиот и мал екран. Идеите можат да дојдат по гледање разни филмови, но и по читање разни книги, бидејќи режисерите се претежно страсни читатели. Кои книги некои познати режисери ги издвојуваат како омилени, дознајте во продолжение.

Џоди Фостер, „Писма до младиот поет“ - Рајнер Марија Рилке

Кога некој ќе се пресели од светот на глумата на режисерското столче, тоа секогаш привлекува големо внимание и често носи погрдни коментари и непотребни критики. Тогаш е важно да се најдат зборови на охрабрување и утеха, а Џоди Фостер ги пронашла тие зборови во ова дело на Рилке. Станува збор за збирка писма што Рилке му ги напишал на еден млад уметник кој побарал негов совет, со цел да го охрабри. Фостер често се враќа на ова парче и им го претставува на многу режисери како поддршка во турбулентни периоди.

Џорџ Клуни, „Војна и мир“ - Лeв Толстој

Клуни е некој што има големо искуство од двете страни на камерата и секогаш подготвува некаков проект. На прашањето каква книга би понел на пуст остров, тој го издвои познатиот роман на Лев Толстој - „Војна и мир“. Вели дека оваа книга влијаела и врз неговата визија за „Квака 22“, која ја обработил во сериски формат пред две години.

kluni
Фото: Screenshot/YouTube

Софија Копола, „Пролетен снег“ - Јукио Мишама

Самиот живот на овој јапонски автор е премногу надреален за сензибилитетот на славната режисерка, но таа ја обожава неговата проза. Овој роман, кој е првиот дел од сага од четири дела, ја опишува Јапонија во периодот на транзиција кон 20 век и детално го следи конфликтот помеѓу старата јапонска аристократија и новата класа на богатите. Копола ја сака ефективноста на неговото пишување и особено одредени романтични сцени.

Грета Гервиг, „Кон светилникот“ - Вирџинија Вулф


Еден од најпознатите цитати од Вирџинија Вулф е: „Не можеш да најдеш мир избегнувајќи го животот“, кој се провлекува и низ филмовите на Грета Гервиг, позната по тоа што бара смисла во навидум безначајни и мали нешта. Таа вели дека делата на Вирџинија Вулф биле пресудни за воспоставување на нејзиниот режисерски стил и дека нејзиниот ум почнал да реализира одредени филозофски концепти првпат откако ги прочитала.

Дејвид Линч, „Метаморфоза“ - Франц Кафка

Познатиот режисер е опседнат со ова книжевно дело и би сакал да режира своја филмска адаптација, но тој сѐ уште не се осмелил да го стори тоа бидејќи верува дека тоа не би било достојно за оригиналот. Тој дури и го напишал сценариото, но веројатно никогаш нема да го пренесе на големото платно. Како што вели, ова дело во голема мера влијаело врз неговиот визуелен стил и препознатливите психоделични делови.

Извор: Stil.kurir.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура