Американскиот магазин „Форбс“ ја објави листата со најмоќни луѓе на светот.
Кинескиот претседател Кси Ѓинпинг е најмоќната личност на светот, пишува американскиот магазин „Форбс“. 62-годишниот лидер на Кина првпат се појави на врвот на оваа листа.
Рускиот претседател Владимир Путин го изгуби првото место, титула што ја држеше четири последователни години, и се најде на второто место. По повеќе од една година во неговиот мандат, претседателот Доналд Трамп се најде на третото место.
Нови лица на листата се Мохамед бин Салман Ал Сауд, престолонаследник на Саудиска Арабија (8-мо место), Џером Х. Пауел, претседател на Федералните резерви, Емануел Макрон, претседател на Франција (12-то место), Жан-Клод Јункер, претседател на Европската комисија (33-то место), Мишел Темер, претседател на Бразил (50-то место), Мун Џе-Ин, претседател на Јужна Кореја (54-то место), Хуи Ка Јан, претседател на „Кина Евергранде“ (60-то место), Ли Хсиен Лонг, премиер на Сингапур (61-во место), Кен Грифин, основач на „Цитадел“ (65-то место), Камар Јавед Баџва, началник на генералштабот на армијата, Пакистан (68-мо место), Рид Хејстингс, коосновач на „Нетфликс“ (70-то место) и Роберт Милер, специјален советник, оддел за правда (72-то место).
- Овогодишното рангирање на најмоќните луѓе во светот ја нагласува консолидацијата на моќта во рацете на неколку елити - изјави уредникот на „Форбс“, Дејвид Евалт.
Ангела Меркел, канцеларката на Германија, останува најмоќната жена во светот. Нејзе ѝ припадна 4-тото место, а Мохамед бин Салман Ал Сауд сега е најмладиот човек на листата, титула што претходно му припаѓаше на извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг (13-тото место).
Четири фактори биле земени предвид при изборот на најмоќните луѓе во светот: над колку луѓе имаат моќ, финансиските ресурси што ги контролираат, дали имаат влијание во повеќе од една сфера и како активно ја користат својата моќ за да го променат светот.
Целосната листа можете да ја погледнете
ТУКА.