X
 23.04.2016 Култура

Рецензија на книгата "Животинска фарма" од Џорџ Орвел

farma

 

Злобно, тажно меѓутоа сосема вистинито. Иако се чини како една „бајка“, книгата „Животинска фарма“ нема ништо поврзано со бајка. Уморни од малтретирањето кое го доживуваат под ропство на човекот, животните од Манор фармата се ослободуваат од синџирите и имаат едно клучно правило: Сите животни се еднакви. Сепак, како што приказната се одвива, книгата покажува дека некои животни сепак, се поеднакви од другите.


Напишана во едноставен меѓутоа и тоа како елегантен стил, Орвел ја користи животинската фарма како метафора за самата Руска Револуција и борбата на луѓето за слобода. Моќта корумпира, додека апсолутната моќа корумпира апсолутно - ова е сликовито, живописно и елоквентно раскажано токму во овој роман. Романот може да се смета за историска анализа на причините за неуспехот на комунизмот или пак „сурова“ бајка - во било кој случај, совршено ја раскажува приказната чијашто цел е да покаже дека самата човечка природа и разновидноста ги спречува луѓето да бидат еднакви и исто среќни.

Иако животните имаа за цел да создадат утописки вид на комунизмот, каде секој би работел според својот капацитет, почитувајќи ги потребите на другите. За жал, сето тоа падна во вода па се создава диктатура на прасињата кои се најпаметни и најнеактивни од сите животни.

Мајсторството на Орвел лежи во неговото совршено презентирање на тоталитарниот режим, и сатирично прикажување на комунизмот преку едноставно раскажување на приказната. Токму поради тоа, читателот веднаш може да ги открие причините зошто животните не работат во комунистичкото владеење.

Со самите карактеристики на животните, револуцијата е осудена на пропаст уште од самиот почеток, и покрај тоа што започна како идеалистички оптимизам, изразен преку мотото: „Ниту едно животно не смее да го тиранизира сопствениот вид. Слаби или силни, паметни или едноставни, сите ние сме браќа“. За таа цел тие создаваат „Седум заповеди“ кои обезбедуваат еднаквост и просперитет за сите животни. Сепак, прасињата, како природни лидери преку терор и пропаганда успеваат да воспостават владеење под водство на Наполеон, најпочитуваното и најзлобното прасе.

Книгата совршено покажува како функционира механизмот на пропагандата и перењето на мозокот во тоталитарните реими, покажувајќи како прасињата можат да ги натераат другите животни да веруваат практично во се` или ништо. Одговорен за пропагандата беше Сквилер, кој всушност е алегорија на Вјачеслав Молотов, а како што се вели во самата книга, тој можеше „црното да го претвори во бело“. Тој успеа да го смени правилото од „сите животни се еднакви“ во „сите животни се еднакви но некои животни се повеќе еднакви од другите“. Тој успеа да ги убеди другите животни дека за нивно добро прасињата ги јадат повеќето јаболка и го пијат млекото бидејќи лидерството е „голема одговорност“, а за сето тоа животните треба да му бидат благодарни на Наполеон (алегорија на Јосиф Сталин). На едноставен и ефикасен начин, Орвел ја претставува контролата на умот до тој степен што животните постојано мислат и веруваат дека „Наполеон е секогаш во право“.

Орвел ја критикува и улогата на црквата што е претставено мошне креативно и симпатично. Во животинската фарма, црквата е претставена од страна на Мојсеј, гавран кој постојано раскажува за среќната земја на небото каде сиромашните животни засекогаш се одмораат од нивниот труд. Интересно е тоа што кога Стариот мајор(алегорија на Карл Маркс и Владимир Ленин), за прв пат проповеда револуционерен комунизам, Мојсеј спие во шталата - ова сатирично ја прикажува црквата како е заспана за време на комунизмот. Прасињата диктатори го „будат“ и поттикнуваат гавранот да ги натера животните да посакуваат и да сонуваат за подобар живот после смртта, за да не се обидат да имаат подобар живот додека се живи.

Приказната предупредува за моќта на политичките игри од апсолутна природа и тоталитаризмот во целина. Токму поради тоа романот завршува со едно вознемирувачко предупредување за целото човештво: „Суштествата надвор гледаа во свињата, па во човекот, па во свињата, па пак во човекот и во свињата и пак во човекот - но повеќе беше невозможно да се каже кој е што“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура