X
 19.05.2018 Живот

Млад физичар знае напамет дури 1.570 децимали на бројот Пи

Дејан Гемери, 24-годишен, има неверојатна способност - ги помни броевите толку добро, што напамет знае дури 1.570 децимали од бројот Пи. Поради оваа способност, тој се наоѓа на 36-тото место во Европа и на 100-то место во светот. Сепак, вели дека не се преоптоварува со телефонски броеви или со датуми на раѓање. Но вежбите за помнење на броевите секојдневно ги применува, па така честа вежба му е додека оди на улица, се обидува да ги запомни регистарските таблички на автомобилите.

Неговиот талент не би бил откриен доколку неговиот професор од средно училиште не го поканел да ја покаже својата способност.

gemeir

- Броевите отсекогаш лесно сум ги помнел, но никогаш не сум размислувал премногу за тоа, до Денот на бројот Пи. Имено, во средно се обидов да ги запомнам децималите на Пи и стигнав до 400. Беше интересно и за мене и за околината, но не му давав преголемо значење на тоа. Оваа година ми се јави професорот Предраг Новаковиќ, кој предава математика и физика во Техничката школа „Никола Тесла“ во Вуковар и ми рече дека на учениците им подготвува предавање за Денот на бројот Пи и ме покани да го демонстрирам моето знаење на крајот на неговото предавање. Сметавме дека е добра идеја за популаризирање на математиката и физиката кај средношколците. Уште повеќе ме израдува тоа што по предавањето неколку ученици се обиделе да запомнат децимали и покажале поголем интерес за материјалот - раскажува тој.


Во основно не ги сакал ниту физиката ниту математиката и немал високи оценки по овие два предмети. За среќа, можел да ја запомни целата постапка на решавање на задачите, па голем дел од нив ги решавал како песна.

- Интересно е тоа што во основно немав љубов кон физиката, а посебно не кон математиката. Секогаш имав тројки. Не сакав да решавам задачи по математика, па за тестовите ги помнев целите решенија и постапки и со тоа си олеснував. Од денешна перспектива, тоа ми изгледа малку лудо. Љубовта кон физиката се разви во средно, а со неа се појави и љубовта кон математиката.

- Секогаш погледнувам во именикот, интересно е тоа што ни мојот број не го знам напамет. Го знам само бројот на мајка ми, во случај на итност. Регистарските таблички од автомобилите ми се интересни, па често додека одам по улица се обидувам да ги запомнам - објаснува Дејан.

Младиот физичар ја открива тајната за помнење на броевите.

- Броевите се сирови и како „сами“ тешко се запомнуваат. Луѓето обично подобро помнат слики, а јас смислив начин на кој одредена група на броеви ја поврзувам со слики и на тој начин ги сортирам по некој редослед. Во спротивно, би било тешко да се запомнат толку децимали - вели тој.

Дејан има и официјална потврда за неговото достигнување во помнењето на децимални броеви на Пи.

- Помнењето броеви, слики и имиња е спорт како и секој друг. Најчесто натпреварите се одржуваат на Денот на бројот Пи, во основните и во средните училишта. Дознав дека постои официјална листа што ја води Јан ван Конингсвелд, познат како човекот-калкулатор, па стапив во контакт со него со желба да бидам дел од Пи ранг-листата. Во Германија тоа рецитирање и пишување се прави пред комисија, а со оглед на тоа дека во мојот случај тоа не беше возможно, направи снимање со рецитирање и пишување. Така бев вклучен во листата - објаснува Дејан.

Исто како и во другите спортови, за да бидете одличен, треба секојдневно да вежбате.

- Додека ги помнев децималите на бројот Пи имав цел да научам 1.600. Во текот на учењето, секое утро, кога ќе се разбудев, запишував околу 200 децимали и ги учев. Потоа ги повторував по двапати. На крајот на денот повторував уште еднаш. За сето тоа ми беше потребен час и половина. Наредниот ден ги повторував децималите од претходниот ден, потоа пишував нови 200 децимали, ги учев и така со ред. Сега правам пауза, па ќе размислам што понатаму - вели Дејан.

Кога имате ваква дарба, веднаш се поставува прашањето дали можете да ја искористите за некаква парична добивка, на пример, на берзата, во казината или можеби на квизовите.

- Првото нешто што ми дојде на ум беше помнење на картите за играње во казина, но никогаш не сум се обидел. Повеќе пријатели ме наговараа да се обидам. Што се однесува до берзата, мислам дека помнењето на броевите тука не би можело да помогне, а јас никогаш и не сум ја проучувал. Верувам дека тоа е повеќе прашање на инстинкт. Што се однесува до општата култура, некои години од историјата ми останаа, одредени датуми, уште од средно. Но тешко ми е сега да ги поврзам со настани што се случиле таа година - искрен е Дејан.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот