Бракот на Милева и Алберт Ајнштајн е интригантна тема што секогаш предизвикува дискусии. Се запознале додека студирале, а пред да ги заврши студиите, Милева забременила и ја родила вонбрачната ќерка Лизерл.
Милева и Алберт се венчале во Берн, на 6 јануари 1903 година. Пред венчавката Лизерл заболела од шарлах. Не е познато дали починала или била дадена на посвојување. Кога Милева му се придружила на Алберт во Берн, детето не било со неа.
Во наредните години Алберт и Милева добиле уште две деца - синовите Ханс Алберт и Едуард. Велат дека и двете момчиња биле приврзани кон нивната мајка, која практично сама ги воспитувала бидејќи нивниот татко поголем дел од времето го поминувал на работа.
Сепак, имало и среќни спомени.
- Тато често знаеше да ја остави работата и со часови да нè гледа како си играме - раскажувал подоцна постариот син Ханс.
Здравјето на Едуард особено ги загрижувало родителите. Уште од раѓање момчето било болешливо и често знаело да плаче без причина. Во писмо до еден пријател Алберт напишал дека е сигурен дека неговиот син нема да порасне во здрава личност.
Тука биле и сè почестите расправии меѓу родителите. И двете деца тешко го поднеле нивниот развод во 1914 година. Едуард тогаш имал само 4 години. Тие живееле со Милева, а Ајнштајн се преженил со своја далечна роднина во која бил заљубен уште како дете. Милева продолжила да се грижи за децата и некое време се чинело дека Едуард ќе ги надмине проблемите. Уште на почетокот покажувал исклучителна интелигенција - на шест години ги читал Шекспир, Кант, Шопенхауер и Платон. Како што растел, се интересирал за психијатријата, а особено за работата на Сигмунд Фројд. Но, како што поминувало времето, сè потешко го поднесувал товарот од славата на својот татко.
- Тешко е да се има толку важен татко бидејќи се чувствуваш неважен и безначаен - истакнал во една пригода.
Фото: Twitter
Кога наполнил 20 години, Едуард се обидел да се самоубие. Се сметало дека причината била невозвратената љубов на некоја девојка. Бил примен во болница и набрзо му била дијагностицирана шизофренија.
По препорака на доктор, Милева го сместила во психијатриска болница во Цирих и оваа одлука се покажала како кобна. Суровиот третман во ваквите болници само ја влошил менталната состојба на Едуард. По само две недели поминати во оваа институција тој повеќе не можел да чита, да води долги разговори, а трпеле и неговите когнитивни способности.
Не е познато дали и колку често Алберт одел да го посети својот син, но по 1933 година не ни можел. Тогаш во Германија на власт дошол Хитлер, па Ајнштајн, кој гостувал како професор на Универзитетот „Принстон“, бил спречен да се врати во својата татковина.
Неговата втора сопруга Елса раскажувала дека здравствената состојба на синот многу го загрижувала Алберт. Наводно планирал да го однесе во Америка, но неговата ментална состојба, а подоцна и војната го спречиле.
- Мојот син е единствениот проблем што останува без решение - напишал еднаш
Ајнштајн.
Едуард повеќе не го видел својот татко. Милева морала да ги продаде двете куќи поради долговите што произлегле од неговото лекување. Наводно за подоцнежните расправии меѓу Милева и Алберт честа причина бил Едуард. Во една преписка Алберт побарал од Милева да му врати пари и ѝ се заканил дека ќе го исфрли Едуард од тестаментот ако не го направи тоа.
Милева починала на 4 август 1948 година, и потоа веќе никој не се грижел за Едуард. Животот го завршил сам и напуштен, во ѕидовите на психијатрискиот дом Бургелци. Работел како болнички градинар и така умрел во 1965 година, на 55-годишна возраст.
Извор:
Telegraf.rs
Фото: Twitter