X
 19.06.2018 Живот

Годишна плата од 65.000 долари за составување и лепење документи

Архиварите во Овалната канцеларија на американскиот претседател, Реџиналд Јонг и Соломон Лартеј, имале работа која е тешко да се пронајде и во македонската администрација. Вооружени со селотејп, тие составувале и лепеле делови од документи што претседателот Доналд Трамп ги кинел.

- Пребарувавме големи грамади искината хартија и ја лепевме во целини, како сложувалка. Некогаш хартијата беше искината само на средината, но некогаш беше искината на толку мали делчиња што личеа на конфети - истакна Лартеј.

Имено, законска обврска е сите претседателски документи да се чуваат во архивата на Белата куќа. Со оглед на тоа што Трамп, според зборовите на Лартеј, има необична навика да ги кине официјалните документи откако ќе ги прочита, администрацијата во Белата куќа немала избор освен некому да му го префрли чистењето на нередот. Во спротивно, претседателот би го кршел законот.

- Со проѕирна лента ги лепевме сите искинати делчиња и кога документот беше готов, го праќавме до надзорникот. Обновениот документ потоа се испраќа до Националната архива, каде што соодветно се складира - опишува Лартеј.

Лартеј наскоро ќе наполни 55 години, а повеќе од три децении работел како државен службеник, со годишна плата од 65.000 долари, но во целата кариера, како што вели тој, не се сретнал со задача да лепи претседателски документи.

Кога купиштата искинати меморандуми, белешки, писма, покани и други документи кои се нашле во рацете на претседателот ќе се зголемеле, на помош бил повикуван Реџиналд Јонг. Десет години помладиот аналитичар за управување со записи во администрацијата на Белата куќа работел повеќе од 20 години.

Фото: Novac

- Гледам во својот надреден и му велам „Сериозни ли сте?“ Заработуваме повеќе од 60 илјади долари годишно, би требало да работиме нешто посериозно. Оваа работа е малку подобра од празнење канти за ѓубре - вели Јонг.

Според него, администрацискиот состав за време на Трамп е сосема спротивен на оној од времето на претседателот Барак Обама.

Во меѓувреме, Лартеј и Јонг добиле изненадувачки откази од своите позиции, а иако од Белата куќа не сакале да ја коментираат навиката на Трамп за кинење официјални документи, двајцата поранешни службеници тврдат дека сѐ уште еден оддел е задолжен за лепење на искинатите документи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот