X
 19.06.2020 Живот

Од понеделник може да одите по виза во германската амбасада

Конзуларното и визното одделение во германската амбасада во Скопје, од понеделник, 22 јуни, повторно ќе бидат отворени за странки, соопштија од амбасадата.

Оттаму објавија и упатство за посета на амбасадата, во кое се замолуваат странките да не одат порано од 30 минути пред доделениот термин затоа што влезот во визното одделение е можен најрано 10 минути пред терминот. Во информативниот лист странките се замолуваат да не одат со роднини или пријатели во амбасадата.

- Влезот е дозволен само за подносителот на барањето. Малолетните лица може да бидат придружувани од нивните родители или старатели - стои во упатството.


Се повикува на одржување дистанца додека се чека ред, а се нагласува и дека чекањето и влезот во визното одделение се дозволени само со заштитна маска. Пред да влезете во визното одделение ќе ви биде измерена температурата, а влезот нема да им биде дозволен на оние што имаат температура од 37,6 или повеќе степени.

Од амбасадата нагласуваат дека останува прописот дека исклучиво лица што добиле валидно известување за термин имаат пристап во визното одделение.

- Сите термини што беа откажани поради затворањето на амбасадата се вратени на списокот на чекање на термин и ќе бидат автоматски и по хронолошки редослед пререгистрирани за нов термин. Благовремено пред вашиот нов термин ќе добиете известување по електронска пошта. Поради задолжителните правила за држење дистанца и хигиена, термините ќе се доделат само неколку недели однапред. Поради тоа, времето на чекање ќе се зголеми - се наведува во соопштението.

Од амбасадата наведуваат дека Македонија е назначена како ризично подрачје во однос на Ковид-19, па сите лица што 14 дена пред влегување во Германија престојувале во некое од ризичните подрачја мора да одат во 14-дневен карантин откако ќе влезат во Германија. Оваа обврска за карантин важи независно од државјанството, изземени се само патници што транзитираат. Изземања од карантин се можни со негативен резултат од ПЦР-тест за вирусот SARS-CoV-2, кој при влез не смее да биде постар од 48 часа. Одлуката дали навистина постои исклучок ја носат здравствените служби.

Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот