Оваа пандемија би можела да го обликува светот на ист начин на кој тоа го направија Втората светска војна и Големата депресија.
2022 година е и коронавирусот конечно е поразен; по една и пол година мизерија, карантини и нови бранови, животот конечно почнува да се враќа во нормала. Вака „Њујорк тајмс“ го почнува текстот во кој се обидува да открие како би изгледал животот во 2022 година, откако светот ќе излезе накрај со пандемијата.
Враќањето во нормалата, сепак, нема да значи враќање на старото. Тоа ќе биде нов свет, со нови економски правила и рецесија што ќе го промени редоследот на нештата за цели генерации.
Илјадници компании и продавници што беа ранливи пред да пристигне вирусот исчезнаа до 2022 година. Се затворија десетина универзитети, а луѓето различно се социјализираат.
Иднината е сосема неизвесна и не постои начин да се предвиди со точна прецизност, но актуелната пандемија сè повеќе изгледа како настан што ќе дефинира цела ера. Сега малкумина можат да замислат некое добро сценарио што би можело да се случи во најдобар случај, бидејќи вирусот продолжува во светот со нови бранови и многу земји бројат нови жртви речиси секој ден.
Она што сигурно ќе влијае врз тежината и далекосежноста на последиците е насоката во која се движи самиот вирус. Доколку науката брзо најде решение и вирусот го победиме кон крајот на оваа година, промените во секојдневниот живот веројатно нема да бидат трајни.
Но, ако не се најде вакцина во наредните години, последиците од пандемијата на долг рок може да бидат длабоки и далекосежни.
Сите индустрии што се базираат на меѓучовечки контакт се сериозно загрозени.
Фото: Pixabay
Ќе исчезнат крузерите и забавните паркови, кината, а на долг рок ќе биде заборавен и концептот на традиционалните продавници. Ќе бидат избришани илјадници ресторани.
Сценариото што го претставува новинарот на „Њујорк тајмс“ се базира на претпоставката дека вакцината ќе пристигне во одреден момент во 2021 година. Сепак, тој споменува еден важен факт: многу работи нема да се променат. На тоа нè учи историјата - финансиската криза во 2008 година не го сруши Вол стрит, првиот црн претседател на Америка не ја доведе земјата во ера на расно помирување...
Сепак, ако пандемијата продолжи и наредната година, може во колективната свест да ги надмине сите случувања од претходните неколку децении и да заземе позиција каква што имала Втората светска војна - како настан што го окупира вниманието на целиот свет долго откако ќе заврши и што го менува ритамот на секојдневниот живот.
Економистот со кој разговараше „Њујорк тајмс“ смета дека компаниите со лоши деловни модели ќе страдаат и покрај тоа што добро им одело пред пандемијата.
Жртви ќе бидат и локалните медиуми кои веќе се борат за опстанок, како и традиционалниот концепт на шопинг во продавниците, а вирусот ќе ги зголеми и сите постојни проблеми во образовните системи и функционирањето на универзитетите.
Навиките ќе се менуваат и за децата, студентите и вработените. Состаноците можеби засекогаш ќе се одржуваат преку апликации како „Фејстајм“, „Зум“ и „Гугл мит“. Некои големи компании во Америка веќе на вработените им соопштија дека
засекогаш ќе работат од дома, па ако се случи тоа, деловниот простор ќе ја изгуби својата примарна функција.
На крај, најголема неизвесност нè чека на политички план. А начинот на кој политиката ќе функционира ќе има моќ да ги обликува сите други аспекти од нашиот живот.
Извор:
Nova.rs |
New York Times