X
 04.05.2021 Живот

Каков е животот во Сингапур - најдоброто место за живот во пандемијата?

Повеќе земји се соочуваат со нови и сериозни бранови на ширење на коронавирусот, но некои држави веќе се враќаат во нормала. Минатата недела „Блумберг“ го прогласи Сингапур за најдобро место за живот за време на пандемијата. Според „Блумберг“, државата има ефикасна програма за вакцинација, меѓу другото. Како е да се живее во оваа земја во овие времиња?

Би-би-си пишува дека животот во Сингапур може да биде навистина добар. Во последните месеци имало мали бранови на ширењето на коронавирусот кои бргу биле стопирани, а во државата речиси нема пренесување на коронавирусот помеѓу жителите. Во Сингапур се почитуваат строги правила за патување и влез во земјата и затоа се спречува ширење на коронавирусот од лица што доаѓаат од странство.

Во Сингапур се забранувало движењето на жителите само во период од два месеца минатата година, но не и потоа. Животот речиси е нормален, пишува Теса Вонг за Би-би-си. Таа открива дека се среќава со семејството и пријателите кога и да посака, а рестораните се отворени, иако не се дозволени повеќе од осум лица на една маса.


Фото: Pixabay

Маските се задолжителни насекаде, дури и на отворено, освен при вежбање и јадење. Многумина одат во канцеларија, а работните маси им се оддалечени од бироата на другите колеги. Може да одите во кино, да слушате концерт или да пазарите сè додека носите маска на лицето и ја користите апликацијата за следење контакти на заразени лица.

Отворени се училиштата и градинките. Досега, од почетокот на годината, се вакцинирале околу 15% од населението, кое брои околу 6 милиони луѓе. Сите овие фактори веројатно придонеле за намалувањето на ширењето на коронавирусот во Сингапур, кој е остров со граници што лесно може да се контролираат. Освен тоа, земјата има големи финансиски резерви.

Сепак, иако животот изгледа нормално за многумина во Сингапур, тоа не е случајот со илјадници странски работници, пишува Теса. Минатата година имало повеќе кластери во живеалиштата и работните места на странските работници поради лошите и нехигиенски услови. Овие работници мора да бараат дозвола од работодавците доколку сакаат да го напуштат живеалиштето и најчесто се социјализираат во рекреативни центри одобрени од владата.

Сето ова е потребно за да се заштити остатокот од населението бидејќи постои голем ризик од ширење на коронавирусот помеѓу странските работници, изјавиле од владата. Тоа значи дека и покрај добрите страни на животот во Сингапур, земјата останува поделено општество.

- Бидејќи странските работници немаат политичка моќ, некако станува социјално прифатливо тие да го носат товарот на сите државни неуспеси - изјавил активистот Јолован Вам.

Освен тоа, пандемијата остава рани и во сиромашните семејства. Имало намалувања на платите и отпуштања и покрај напорите на владата за обновување на економијата и помагање на оние на кои помошта им е најпотребна. Истовремено се зголемиле случаите на семејно насилство.


Фото: Pixabay

Теса ги открива и лошите страни на животот во Сингапур на оние што ги уживаат сите привилегии и имаат добри примања. Приватноста на жителите дополнително се намалила за време на пандемијата, а жителите веќе се навикнати да користат апликација што ги следи нивните движења во текот на целиот ден.

Многумина се согласуваат со аргументите на владата дека ова е потребно во време на криза, но некои предупредуваат дека тие податоци може да бидат искористени на погрешен начин.

Згора на тоа, патувањето во други земји сè уште е тешко бидејќи карантинот е задолжителен при влез во државата. Сингапурците се навикнати да патуваат надвор од градот-држава, па затоа сега се популарни крстосувања „до никаде“.

Сепак, многумина во Сингапур се благодарни што ситуацијата во земјата не е толку страшна како во многу делови од светот. Останува да видиме до кога ќе трае тоа бидејќи владата повеќепати посочила дека државата мора да ги отвори границите од економски причини и веќе започнува да го олеснува влезот на жителите на некои земји, како Кина и Австралија.

Автор: Теса Вонг
Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот