X
 19.10.2020 Живот

Шведска ја менува стратегијата - воведува строги правила за спречување на ширењето на коронавирусот

Иако се спротивстави на карантинот во време кога сите земји во светот го спроведоа, сега Шведска ја насочува стратегијата кон построи мерки за какви што се одлучија и нејзините соседи.

Шведскиот државен епидемиолог Андрес Тегнел треба да се состане со локалните здравствени власти во текот на наредната недела за да разговара за воведување нови мерки поради зголемениот број случаи на заразени во Стокхолм и во Упсала.

За разлика од нејзините нордиски соседи и повеќето други земји, Шведска не спроведе мерки за карантин во целата земја при првиот бран на пандемијата. Наместо тоа, владата предводена од премиерот Стефан Лофвен ги остави отворени продавниците, баровите и рестораните и не ги затвори училиштата.

Од усвојувањето на оваа стратегија Шведска забележа многу повисока стапка на смртност по глава на жител за разлика од нејзините соседи: 5.918 смртни случаи заклучно со понеделникот, во споредба со Норвешка (278 смртни случаи) и Финска (351 смртен случај).

Д-р Јоаким Роклов од Универзитетот „Умеа“ вели дека Шведска ќе се префрли на стратегијата што е поблиска до онаа што ја усвоиле повеќето други влади. Така, локалните власти ќе почнат со препораки за избегнување на јавни места, како што се трговски центри, музеи, спортски сали, концерти и спортски натпревари. Исто така, може да се побара од Швеѓаните да избегнуваат јавен превоз и контакт со оние што се сметаат најранливи на вирусот.

- Она што се случи во последните неколку недели е движење кон сличен модел на оној што се користи во Норвешка и во други земји. Очигледно е дека ова е нова стратегија - вели д-р Јоаким.

Јохан Нојд, кој е на чело на одделот за инфективни болести во Упсала, посочува дека ќе се воведат поостри ограничувања за градот, како нови правила за угостителството доколку бројот на заразени продолжи да расте.

- Веројатно ќе разговараме за концертите и рестораните и ќе ја разгледаме можноста Агенцијата за јавно здравје да даде препораки да не се седи во ресторани доцна во ноќта - вели тој.

За разлика од другите земји, не се очекува да има казни или правни последици за луѓето што ќе одлучат да не ги следат советите. Бит Брастад, главен правен службеник во шведската Агенција за јавно здравје, вели дека правилата се нешто помеѓу прописи и препораки.

Епидемиологот Тегнел изјави дека нивото на колективен имунитет во градовите во Шведска не е толку високо како што неодамна веруваа здравствените власти.

- Мислам дека очигледен заклучок е дека нивото на имунитет во тие градови воопшто не е висок како што некои луѓе веруваа. Мислам дека она што го гледаме е последица на многу хетерогено ширење што го има оваа болест, што значи дека дури и да чувствувате дека имало многу случаи во некои градови, сепак, голем број луѓе сè уште не се заразиле - вели тој.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот