X
 19.06.2024 Живот

Мал прозорец кон селскиот живот: Во Париз отворен првиот француски музеј за сирење

Франција не е единствениот играч кога станува збор за извонредните сирења, а победникот на Светските награди за сирење за 2023 година, Ниделвен Бла, на пример, доаѓа од Норвешка. Сепак, ниту една друга нација што произведува сирење не може да ѝ парира на Франција за толку многу исклучителни сирења. Француската традиција на производство на сирење започнала пред повеќе од 2.000 години и оттогаш тие откриле неколку работи: кои раси на животни најдобро се снаоѓаат во одредени области, како да се користат мувла и бактерии за да се добијат безбедни сирења со исклучително сложени вкусови и како истите да се спојат со вино.

Париз е возбудливо место за вкусување сирење поради големата концентрација на продавници познати како „фромаџерис“, а сега приказната за париското сирење се издигнува на ново и повисоко ниво бидејќи првиот музеј за сирење во Франција штотуку е отворен во градот.

Го отворил Пјер Брисон, пренесувајќи ги традиционалните вештини за правење сирење на идните генерации.

-Тоа не е лесна работа, но е извонредна и постои реален ризик да исчезне. Слушаме многу за вината и како тие се прават, но ништо за сирењето. Иако луѓето сакаат да го јадат и побарувачката за сирење е сè уште голема, сè помалку млади луѓе сакаат да направат кариера од тоа – истакнал тој.

Неговиот „Музеј за сирење“ е отворен во камена зграда од 17 век на Ил Сент Луис, во Париз, на неколку минути пешачење од катедралата Нотр Дам. Возрасните купуваат билети по 20 евра, а за децата цената е 13 евра. Посетителите можат да гледаат демонстрација на производство на различни сирења, да учествуваат во дегустација и да се запознаат со историјата на сирењата и регионалните сорти, преку интерактивни прикази.

38-годишниот Брисон е син на винари од Бургундија, а неговата страст за сирењето се развила во неговото детство. Татко му секоја недела после миса го носел во продавница за сирење. Тој се фасцинирал од тоа од процесот на изработка на сирењата.

-Кога се преселив во Париз, сфатив дека има многу места кои го промовираат виното, неговата култура и начинот на производство, како и многу продавници кои продаваат сирење, но ништо не им покажува на луѓето како се произведува - посочил Пјер.

Тој ангажирал шест производители на сирење во музејот за да им помогне на посетителите да ја разберат уметноста на производство на различни видови сирење, вклучително и улогата на бактериите и земјата каде што пасат животните, што го прави овој проект „жив музеј“.

Агат де Сент Егзипери е еден од експертите во музејот која го објаснува процесот, вклучително и како производителите го „читаат“ млекото и како малите детали можат да влијаат на финалниот производ:

-Тоа е многу индивидуален процес кој зависи од толку многу работи. Дури и хуморот на животните чие млеко се користи. Можете да го правите истото добро сирење секој ден и секој ден ќе има различен вкус. Тоа едноставно не може да се направи индустриски – рекла таа.

Гијом Гобер, производителот на сирење, рекол дека целта е, исто така, да ги потсетат Французите - особено оние што живеат во градовите - на нивните традиционални вредности и француската гастрономија.

Франција има 56 официјални имиња на сирење - регистрирани регионални сорти, што е девет повеќе од Италија и над три пати повеќе од бројот во Велика Британија. Се проценува дека секој Французин јаде меѓу 20 и 27 килограми сирење годишно, што е сектор вреден 9 милијарди евра годишно.

-Во Франција сме разгалени во однос на производството на толку многу различни сирења бидејќи имаме четири различни клими - истакнал Брисон.

Ужаснат што повеќето париски деца велат „супермаркет“, на прашањето од каде доаѓа сирењето, Брисон рекол дека музејот ќе биде „мал прозорец“ кон руралниот живот во срцето на главниот град:

-Мојот сон е дека за 20 години некој ќе каже дека по посетата на музејот одлучил да стане производител на сирење - вели тој.

Извор: after5.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот