X
 19.07.2018 Живот

Зошто доцна ни текнува дека треба да живееме?

Доцна ни текнува да живееме затоа што половина живот сме затворале очи пред фактите мислејќи дека овој живот ќе трае вечно, дека имаме време во изобилство, дека всушност времето не поминува. Тоа се случувало затоа што главно сме биле насочени кон она негативното, кон она што не ни се допаѓа и кон она што го немаме. Затоа ни се чинело дека времето застанало и дека можеме малку да се исклучиме, дека можеме да се откажеме од барањата на срцето, потрагата по она убавото, по она што го чувствуваме.

Доцна ни текнува да живееме затоа што половина живот го поминуваме во кавги и расправии кој е во право, а кој не. Половина живот го проживуваме докажувајќи им на другите дека нивниот пат е погрешен и бараме од нив да се угледаат на нас, да живеат како нас. Доцна ни текнува да живееме затоа што толку сме го искомплицирале животот, сме го направите толку измешан што се прашуваме што е битното во него, зошто го правиме она што го правиме, и која всушност е смислата на сето тоа.

Доцна ни текнува да живееме затоа што понекогаш трошиме толку многу енергија за работи кои не се толку вредни, толку време ни заминува на луѓе кои само ќе го завртат грбот и ќе си одат, толку сили за битки кои всушност и не се наши. И кога ќе почнеме да размислуваме што останало од нашите животи, гледаме дека понекогаш тоа се само урнатини до урнатини со кои не можеме да постигнеме ништо големо, затоа што сме уморни и истрошени, затоа што е пет до дванаесет, затоа што веќе сè се знае.

Доцна ни текнува да живееме затоа што дозволуваме со нас да управуваат други луѓе, а уште повеќе дозволуваме со нас да управува нашето минато, кое на крај ќе ни ја изеде и сегашноста. Доцна ни текнува да живееме затоа што им дозволуваме на навреденоста, лутењето, разочарувањето и другите негативни чувства не само да поминат низ нас, туку и да се вгнездат и да продолжат да живеат, а кога ќе се свртиме наназад, сфаќаме дека можеби веќе е доцна за сè. Но додека постои макар и еден нов ден пред нас – можат да се случат чуда. Треба само да веруваме во нив и да почнеме од почеток.

Марио Жувела
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот