X
 19.07.2022 Живот

Стогодишни браќа живеат во Штипско, помладиот уште работи во пластеник

Членови на Здружението на пензионери од општините Штип и Карбинци денеска беа во посета на најстарите пензионери, браќата Наскови, кои живеат во штипската приградска населба Стар Караорман. Симеон Насков има 102, а неговиот помал брат Ристо веќе има над 100 години.

Од Здружението на пензионери информираат дека во рамки на своите пензионерски активности, во однос на тоа дали е поместена старосната граница на најстарите пензионери во Општина Штип, дошле до интересен податок, дека во оваа штипска приградска населба живеат најстарите пензионери во општината, но и пошироко.

– Тоа се браќата Наскови, кои веќе одамна ја надминаа стотата година од својот животен век. Сакавме да дознаеме повеќе за нив, за причината на нивната долговечност која можеби лежи во генот, водењето умерен живот, или пак во напорната физичка работа во текот на целиот живот. Така нашата љубопитност вроди со идеја да ги посетиме во нивниот дом и самите да ја раскажат својата животна приказна. И се случи на 19 јули 2022 година, убав топол сончев ден, мала екипа од ЗП Штип со пригодни подароци ги посети браќата Наскови во нивниот дом - се вели во соопштението на Здружението на пензионери.

Забележуваат дека помладиот Ристо го затекнале како работи во својот пластеник, а кога ги видел, ја оставил мотиката им посакал пријатно добредојде.

- Кога му ја кажавме намерата на нашата посета беше уште попријатно изненаден и заедно со него отидовме кај неговиот постар брат Симеон, кој веќе одмараше во куќата - нагласуваат од здружението.

Разговорот почнал спонтано да тече и тие ги раскажале своите животни приказни, но и надополниле дека имале и уште една сестра која исто така ја надминала стотата година од својот живот.

– Од ова бевме изненадени бидејќи корените и стеблото на семејството Наскови се своевиден феномен за долговечност. Ни појаснија дека и во овие години здравјето ги служи и не се сеќаваат кога последен пат биле на лекар - велат од Здружението на пензионери-Штип.

Појасниле дека својот пензионерски живот го започнале по завршување на работниот век во Текстилниот комбинат „Македонка“ и во осумдесеттите години од минатиот век станале пензионери.
Посакале секој пензионер да си дочека длабока старост, а од Здружението на пензионери-Штип им посакале уште многу години да ги дуваат свеќите на нивните родендени.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот