На брегот на Западна Алјаска е најдено шише со порака од руски морнар напишана пред 50 години, а набрзо потоа е пронајден и авторот.
Тајлер Иваноф, инаку локален жител, сосема случајно наишол на зелено шише додека собирал дрва за огрев во близина на местото Шишмареф, 966 километри северозападно од најголемиот град на Алјаска – Енкориџ. Човекот го објави писмото на „Фејсбук“, каде што пријателите кои разбираат руски ја превеле пораката. Се работи за поздрав од руски морнар од времето на Студената војна, поточно од 1969 година.
Пораката содржи и адреса и молба за одговор од лицето што ќе ја пронајде. Новинарите од руската телевизија „Русија 1“ открија дека автор на писмото е капетанот Антолиј Боцаненко.
- Изгледа како мојот ракопис. Тоа е сигурно!. Ја испратив оваа порака додека бев на бродот „Сулак“, изграден во 1966 година, кој пловеше до 1970 година - изјави тој.
Боцаненко се расплакал кога ги видел фотографиите со шишето и писмото.
Извор: МИА