X
 04.03.2022 Наша тема

Живот на Алјаска - место кое доаѓаш да го посетиш и не си одиш, вели Ангела Маслова

Веќе е извесно дека мојот живот ќе се одвива меѓу Алјаска и Македонија. И двете во секоја смисла се специјални и за мене се дом. Овде никому не му е грижа како некој изгледа, што има облечено и што прави. Ги ценат вистинските човекови вредности, вели Ангела

Ангела Маслова е родена и живее на Алјаска. Вели дека живее на најуникатното и најспектакуларно место што некој може да го замисли и, истовремено, најобичното и најочекуваното, најопуштеното место што може да постои. Маслова за Факултети.мк зборува за животот на Алјаска, убавините и предизвиците на најсеверното населено место во Америка, за ноќта која трае 67 дена, ловот на китови, климатските промени...



- Да го опишам животот тука е исто како да опишувам парадокс. Животот на Алјаска е секојдневна авантура. Исто како што секој дел има посебна флора и фауна, свои шуми, дивина, глечери, реки и езера. Но, овде најмногу ми се допаѓа менталитетот на луѓето. Тие се навикнати да живеат изолирано и да се снаоѓаат во секакви ситуации. Поради скудните природни услови и можности, мислам дека сѐ да ценат повеќе. Благодарни се на природата што им понудила толку богат див свет и им дала можност за богат лов и риболов, односно начин да преживеат. Благодарни се на плодовите кои природата им ги нуди секоја есен. Благодарни се за многу мали нешта кои на други места не се ценат. Луѓето овде се многу гостопримливи, среќни и насмеани. Со еден збор, живеењето во вакво место те принудува да се снаоѓаш и истовремено секој секому помага, што во вакви климатски услови е голем благодат. Алјаска е место кое доаѓаш да го посетиш и не си одиш - вели Ангела.



Сонцето воопшто не заоѓа во текот на 80 дена

Овде никому не му е грижа како некој изгледа, што има облечено и што прави. Ги ценат вистинските човекови вредности. И секој овде има многу интересна животна приказна. Како и секаде, голем дел од денот е работа. Во зимските месеци сѐ е исто, но во целодневен мрак и во екстремни временски и температурни услови. Во овој дел од Арктикот, каде што впрочем живееме и ние, има ноќ што трае 67 дена, период во кој сонцето воопшто не изгрева. Исто така, ова е територија на која во летниот период, сонцето во текот на 80 дена воопшто не заоѓа. Секој што дошол тука мора да прифати дека сѐ што некогаш мислел дека е екстремно, станува негово секојдневие - ни раскажува таа.

Таа е родена во Бароу, Алјаска. Нејзината фамилија уште од осумдесеттите години е преселена таму.

- Мојот таткo дошол во Америка на свои 16 години. Првите неколку години живеел и работел во Њу Џерси за подоцна, во потрага по подобар живот, патот да го доведе во Енкориџ, Алјаска. По неколку години поминати во овој град се запознал со луѓе од нашите краишта кои веќе живееле и работеле во Бароу. Тие му кажале дека во овој град има многу можности за добра заработка. Тој, како млад и амбициозен и со желба да заработи повеќе, одлучил да оди во овој град знаејќи дека тоа е и најсеверното населено место во Америка. Јас сум родена на Алјаска. Кога наполнив една година, се вративме во Македонија каде што учев до четврто одделение, но потоа пак се вративме на Алјаска. Поголемиот дел од мојот живот имам живеено на Алјаска, така што за мене Алјаска е исто така дом како и Македонија. За сопругот, промената да живее на Алјаска беше голема, но и тој се приспособи. Тој многу ги сака природата, ловот и риболовот - споделува Ангела.



Жителите на Алјаска можеби имаат ладни раце, но срцата им се топли

Најголема придобивка од живеењето на Алјаска е можноста да се види колку е величествен светот.

- Секое место си има свои убавини, но ова е местото каде што, со мали исклучоци, единствено можеш да ги видиш поларните феномени како аурора бореалис, т.е. поларната светлина, поларната ноќ, полноќното Сонце и други единствени атмосферски феномени. Споредено со други места во Америка, живеењето тука си има свои тешкотии што, кога ќе ти станат секојдневие, се учиш да ги цениш сите ситни нешта кои обично се земаат здраво за готово. Живеењето овде ме научи дека треба да си тука за твојата заедница и дека подобро се работи заедно отколку сам. Жителите на Алјаска можеби имаат ладни раце, но срцата им се топли - дополнува таа.

Во овој дел од Арктикот, со сурови временски услови во поголемиот дел од годината, животот е многу бавен и нема многу активности.

- На Алјаска има малку големи градови. Повеќето се помали или се населби кои се меѓусебно изолирани. Овде во Бароу поголемиот дел од денот главно е исполнет со работа. Слободното време се користи за одмор и дружење со пријaтелите. Нема кафулиња, шопинг-центри, молови и поголем избор на ресторани. Од активности би издвоила лов, кој се одвива согласно национални правила и ограничувања во зависност од годишниот период, и риболов кој, исто така, е строго регулиран и се одвива главно налето. За домородната заедница, главни настани и активности се ловот на диви животи (елени, лосови), ловот на китови како особено важен и атрактивен, и риболовот. Тоа е така бидејќи поголемиот дел од храната на домородната заедница се обезбедува преку ловот и риболовот. Кога имаме повеќе слободни денови, често одиме во посета на други делови на Алјаска кои нудат повеќе можности за слободни активности, скијање, туристички тури со крузери, хеликоптери и возови низ прекрасната природа - опишува таа.



Се живее бавен живот

Ангела Маслова работи како сестра во брза помош.

- Болницата во која работам е единствената за гратчето со околу 5.000 жители и неколку други населби на растојание од 80 километри до 290 километри кои не се меѓусебно поврзани со пат. Врската меѓу населбите се остварува авионски или со хеликоптер. Тоа е единствената болница со критичен пристап 550 километри над Арктичкиот Круг - вели таа.
Во голем дел од Алјаска школувањето на децата е бесплатно, вклучувајќи превоз, храна, учебници, школски активности и сл.

- Со оглед на многу добрата државна финансиска состојба, во школството се вложуваат големи средства. Но, поради големината на територијата и меѓусебната изолираност на населените места, т.е. училишните области, има проблем со големата флуктуација на наставниот кадар што придонесува за губење на континуитетот на наставата и нејзиниот квалитет. За таа разлика, во поголемите градови се нудат многу поголеми можности за дополнителни едукативни програми со позитивен импакт во едуцирањето на учениците и студентите - истакнува Маслова.



На Алјаска стануваш експерт за облекување во слоеви

Во земјата има многу организации кои се посветени на заштитата на почвата, водите и дивиот свет, како во внатрешноста така и во арктичката Алјаска. Исто така, постои државна регулатива со која е одредено во кој период од годината, со прецизни датуми, и точно на кое место во земјата се дозволени или недозволени ловни и риболовни активности. Активностите се детални за секој вид од животинскиот свет со цел нивна заштита за следните генерации. На секој што сака да се занимава со лов и риболов му се дава бесплатен прирачник за да се придржува до пропишаните правила. За тие што не ги почитуваат, следуваат ригорозни казни. Главно правилата за заштита и зачувување на природата се почитуваат. Истовремено, со тоа се оставаат предели во кои човечка нога уште долго време нема да стапне, информира таа.

- Зимата овде трае осум-девет месеци. Периодите во кои температурата е -40 С траат со недели. Ако има и ветар, што е редовно, субјективното чувство е дека температурата е
-45С или -55С. Стануваш експерт за облекување во слоеви. Треба да ти биде доволно топло, но не и премногу за да се испотиш. Мора да се оди по тенка жица помеѓу обидот да ти биде топло, но не премногу - вели Маслова.



Постојано се развиваат планови за справување со климатските промени

На прашањето како се справува Алјаска со климатските промени, таа вели дека не е доволно информирана.

- Според согледувањата, температурите се сѐ повисоки во споредба со минатиот век. Промените во замрзнувањето и движењето на мразот во океанот, зголеменото ниво на водите, поплавувањето и губењето на крајбрежјето, поплавите од реките и големите промени во екосистемот станаа секојдневие. Тие промени во животната средина го отежнуваат или го спречуваат пристапот до ресурсите. Океанот и тундрата подоцна замрзнуваат, мразот е потенок, а од тоа зависи должината на периодот за пристап до реките, океанот и тундрата. Поради тоа што на оваа територија не постојат патишта, единствен период за пристап до дивината е периодот на длабоки негативни температури. Забрзаното и предвременото одмрзнување придонесуваат за промени на динамиката на природата, пловноста на реките и пристапот до локациите за лов и риболов. Властите, како на федерално така и на локално ниво, постојано развиваат планови за справување со климатските промени - ни објаснува таа.



Таа вели дека ѝ недостига Македонија затоа што е нејзин дом.

- Ми недостигаат фамилијата и пријателите, пред сѐ. Веќе е извесно дека мојот живот ќе се одвива меѓу Алјаска и Македонија. И двете во секоја смисла се специјални и за мене се дом. Со разумен приход, во Македонија може да се живее исклучително добар живот, а на децата да им се овозможи прекрасно детство. Мислам дека Македонија има огромен потенцијал за подобар живот за сите. Се чини дека Алјаска бесконечно ги цени своите жители и им овозможува секакви шанси за напредок во животот. Мое мислење е дека во Македонија има потреба од промени во многу сегменти од функционирањето на државата cо најголем и најважен фокус за промени во здравствениот систем - дополнува таа.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема