На 11.5.2022 година (среда) во организација на Правниот факултет (Битола), во соработка со Управата за извршување на санкциите на РСМ и Правосудниот истражувачки центар од Ниш, се одржа меѓународен научен и стручен (хибриден) настан „Третман на осудените лица: Како до успешна ресоцијализација низ искуството на различни пенитенцијарни системи“. На настанот учество зедоа повеќе експерти од странство и од земјата, присуствуваа директорите на КПУ од Битола, Прилеп и Охрид, вработените од НПМ при Канцеларијата на Народниот правобранител, претставници на НВО од Македонија, вработени од КПУ од Битола и Прилеп, судии и адвокати од Битола, како и професори и студенти од Правниот факултет.
На отворањето поздравни обраќања имаа министерот за правда, проф. д-р Никола Тупанчески; ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Сашо Коруновски; директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски; деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Илиќ; и раководителката на Центарот за научноистражувачка работа, вон. проф. д-р Ангелина Станојоска.
На првиот панел, кој се однесуваше на модерните искуства од другите земји, но и од Македонија, а го модерира вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, свои презентации имаа професорката Бет Хубнер од Одделот за криминологија и кривична правда, Универзитет во Мизури – Сент Луис, САД; г-ѓа Пиа Пуолака, проектна менаџерка на проектот “Smart” затвор на Агенцијата за кривични санкции, Финска; Ален Колинс, експерт во Управата за извршување на санкциите на РСМ; д-р Петар Јорданоски, Совет на Европа; г-ѓа Ирен Ирбе, раководителка на Одделот за системи за реинтеграција, Центар за регистрација и информациони системи, Естонија.
На вториот панел, кој се однесуваше на искуствата од Република Северна Македонија и Република Србија и забелешките на пенитенцијарниот систем во двете земји, а го модерира вон. проф. д-р Ице Илијевски, свои презентации имаа проф. д-р Миомира Костиќ од Правниот факултет во Ниш, Република Србија; вон. проф. д-р Дарко Димовски од Правниот факултет во Ниш, Република Србија; вон. проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при УКЛО - Битола; м-р Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет за човекови права во РСМ; м-р Ирена Здравкова од Македонското здружение за млади правници (MYLA); и г-ѓа Лена Христовска, раководителка на Секторот за ресоцијализација, КПУ Затвор Битола.
Генерален заклучок е дека Република Северна Македонија има уште многу обврски што треба да ги исполни за да може да очекува успешен третман и ресоцијализација на осудените лица. Преостанатите заклучоци, а и листа со предлози од настанот ќе бидат изработени во текот на наредните денови и ќе бидат јавно достапни.
(Комерцијална објава)