X
 14.11.2021 Образование

Обраќање на проф. д-р Марјан Ѓуровски по повод формирањето Алумни клуб на УКЛО

Почитувани,

Ние денес на нашиот Универзитет на вистински начин, заедно со нашите завршени студенти, го чествуваме Денот на науката.

Приватниот бизнис-сектор е маргинализиран во процесот на управување, програмирање и финансирање на високото образование и научните истражувања и има најниско учество во технолошко-иновациската дејност во регионот.

Креирањето и управувањето со системот на високо образование, истражување и развој и по донесувањето нов закон за високо образование е централизирано и ја исклучува партиципацијата, а со тоа и одговорноста, на автономните високообразовни и научноистражувачки установи за клучни прашања од нивното работење.
Без двоумење и политичко калкулирање треба да се поттикне критичка расправа за состојбите и развој во креирањето посебна високообразовна и научна политика на државата која денес ја немаме.

Од ресорното Министерство за образование и наука денес високото образование е запоставено и на маргините на дејствување.

Имам чувство како високото образование да е сирак во семејството на образовни политики и дејствување покрај – основното и средното чии сегменти се составен дел од образовниот мозаик.

Само различностите во мислењето ќе нѐ доведат конечно до вистинска високообразовно-научна реформа, за која доцниме најмалку 20 години бидејќи е нужен предуслов за влегување во стабилен период и развој на општеството, како и конечно завршување на тридецениската транзиција на македонската држава.
По толку години сѐ уште немаме одговорено на прашањето каква наука и високо образование ни се потребни и дали постојниот модел е добар, функционален, исправен, продуктивен и нѐ вади надвор од состојбата во која се наоѓаме.

nauka



Треба да сфатиме дека концептот на економски стабилна држава неизбежно се темели и повикува на образованието.

Потребни се образовни политики кои ќе изградат култ од образованието како најважен државен, национален и економски ресурс, наместо негова маргинализација и потценување.

Науката и високото образование не треба да се третираат како потрошувачка, туку како најважна продуктивна сила на општеството. Три децении имаме континуирано ниско ниво на јавни вложувања во високото образование и научноистражувачката работа, најниско во регионот и пошироко.

Идејата на Алумни клубот, покрај споделување информации, е и да можете да комуницирате помеѓу себе во мрежата на овој клуб, што дава дополнителни предности.

Членовите на Алумни клубот што студираат на втор или на трет циклус на студии преку мрежата на Алумни клубот ќе можат да стапат во контакт со други алумни кои може да им помогнат во нивните истражувања или да им овозможат поддршка и можност за посетување практична работа во нивните компании или институции. И обратно, членовите на Алумни клубот кои имаат стручно знаење од одредена област може да им ги понудат своите услуги на другите членови на Клубот.

Првиот чекор за заживување на оваа идеја е секако зачленувањето на што поголем број дипломирани студенти на УГД во Алумни клуб, со што можностите, интензитетот на размена на информации, контактите се секако многу поголеми.

Се надеваме дека ќе сакате да бидете член на Алумни клубот за да ги уживате сите придобивки од оваа иницијатива и да го задржите контактот со вашиот Универзитет и со вашите колеги.

Алумни клубот при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ е непрофитна асоцијација чија цел е да се зајакне врската помеѓу Универзитетот и нејзините алумни, да се поттикне интересот, да се шират информации за Универзитетот и да се зајакне улогата на алумни во животот на Универзитетот.

Основните цели на Алумни клуб се поврзување на дипломираните студенти и работодавците и развивањето на свеста кај студентите и дипломците за современите услови на работа, односно дека работодавците бараат нешто повеќе од диплома.

Клубот заедно со Кредо центарот е на располагање на студентите за да им помогне да развијат вештини и да стекнат знаења кои се исклучително важни за работата и вработувањето, да стекнат работно искуство за време на студиите и да се запознаат со заедницата на работодавците и нејзините правила, како и да научат конструктивно да размислуваат за дадените можности.

Ова секако е во насока на овозможување контакти кои би ги зголемиле и вашите можности за креирање сопствена успешна приказна.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование