X
 23.02.2024 Образование

Студентка од Факултетот за биотехнички науки - Битола при УКЛО го споделува своето Еразмус+ искуство

Јас сум Седеф Бахтијар, студент на прв циклус студии на Факултетот за биотехнички науки - Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола  и сакам да го споделам моето искуство стекнато при моето стажирање во рамките на Еразмус+ програмата со која имав можност да го посетам Necmettin Erbakan University во Конја, Република Турција.

Со стажирањето започнав во почетокот на октомври 2023, каде што најпрво бев пречеканa од раководителот на катедрата за прехранбено инженерство, проф. д-р Селман Туркер, кој потоа продолжи да ја координира мојата пракса, за време на целокупниот мој престој. Праксата се состоеше во асистирање во лабораториите на Универзитетот каде што се вршеа анализи и испитувања на тема: „Применливост на протеинските нанофибрили во различни морфологии во обезбедување стабилност на антоцијаните добиени од сок од црн морков“.

2

Универзитетските лаборатории располагаат со совршени услови за истражување на различни прехранбени, земјоделски и други производи, а со цел да се придонесе во производство на здрава и квалитетна храна.

Имав можност да работам на филтрирање на суровиот сок од црн морков и подготовката на нанофибрилите од планираните протеини ориз, грашок, сурутка, глутен. Научив како да користам филтратор со вкрстен проток, како тој функционира, кои се придобивките од користењето на таков филтратор и сл. Го научив значењето на протеините во обезбедувањето стабилност на антоцијаните, кои киселини и бази се потребни за време на процесот и др.

2

Во понатамошната фаза следуваше комбинирање на примероците од филтриран сок од црн морков и протеини и користење водена бања со цел да се сменат температурните нивоа на подготвените примероци, потоа процесот на нивно замрзнување, балансирање на pH-вредностите итн.

Откако беа изготвени околу 500 примероци, се започна со анализа на резултатите добиени по третирање на примероците во различни биохемиски и термички услови, со цел да се издвои најдобрата комбинација, каде што понатаму со помош на спектрофотометар, одредувавме апсорпција, преносливост, кинетика, а вршевме и нефелометриско мерење на заматеност на антоцијанините.

3

При ова моја посета на Конја имав исклучителна можност да го запознаам градот, културно-историските споменици со кои изобилува, имајќи предвид дека се работи за град со богата историја која датира од 1075 година и важи за престолнина на Селџучката Империја.

4

По ова мое искуство сум многу среќна што сум дел од Факултетот за биотехнички науки - Битола, а на проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска, продекан за наука и меѓународна соработка, која ја има најзначајната улога за оваа моја шанса да ја посетам Конја и да ги проширам моите знаења, ја користам оваа пригода да ѝ се заблагодарам за интересот, менторството, достапноста и професионалноста кои се одлики на нашата исклучителна професорка...
Со нетрпение ја очекувам мојата идна дестинација во рамките на Еразмус+ програмата и новите предизвици што следуваат.

5

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование