Северна Кореја конечно ги отвора границите за меѓународни посетители по повеќе од четири години. Оваа земја беше затворена за посетители поради строгите контроли и закони кои беа донесени за време на ковид-пандемијата, но сега ситуацијата се менува.
„Корјо турс“ од Пекинг на својата веб-страница објави дека затворената земја ќе пречека странски туристи во североисточниот град Самџијон, а можеби и во остатокот од земјата, во декември 2024 година. „КТГ турс“, со седиште во Шенјанг, исто така, објави дека ќе може да се оди во градот Самџијон од декември оваа година.
Северна Кореја е затворена за меѓународни туристи од 2020 година. „Корјо турс“ работи во Кореја повеќе од 30 години и вели дека затворањето на границите никогаш не траело толку долго. Меѓународните летови до и од Северна Кореја продолжија минатата година, кога во февруари пристигна мала група од руски туристи.
Руските туристи пристигнаа во време на затоплување на односите меѓу Москва и Пјонгјанг, при што севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун патуваше за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин минатиот септември, а Путин се врати во јуни. Руската туристичка група ја сочинуваа луѓе кои се занимаваат со туризам и патници од сите делови на Русија, соопшти тогаш руската амбасада во Пјонгјанг.
Северна Кореја гради нови станови, хотели, скијачки центри, медицински установи, комерцијални и културни објекти во Самџијон, град во близина на кинеската граница, претставувајќи го градот како модел на високоцивилизиран планински град. Ким минатиот месец отпушти некои високи функционери бидејќи не беше задоволен од „неодговорното“ раководење со проектот.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube