Во изградбата на тунелот Гуолијанг, кој минува низ страничниот дел на планината Тајханг во Кина, се потрошени 4.000 чекани, а го граделе само 13 локални жители...
За да стигнат дома, жителите на кинеското село Гуолијанг во Хуејсјан, во провинцијата Хенан, мора да патуваат низ тунел изграден во планината Тајханг. Станува збор за тунел долг 1.200 метри, широк 4 метри и висок 5 метри, кој претставува единствен начин за да стигнат до своите домови.
Тунелот го изградиле тринаесет селани предводени од Шен Мингсин, во седумдесеттите години од минатиот век. Немале машини – ниту пари, па им биле потребни пет години да го направат со помош на „примитивни“ алатки, како чекани и длета.
Ја продале својата стока за да си овозможат материјали и го користеле секој слободен момент за градба. За време на оваа градежна авантура потрошиле повеќе од 4.000 чекани.
Само 13 селани го пробиле тунелот низ планината
Тунелот е отворен за сообраќај на 1 мај 1977 година, а поради својот необичен изглед на страничниот дел од планината, набрзо станал туристичка атракција за Кинезите, но и за меѓународните гости.
Иако возењето во овој тунел бара големо внимание, селаните му додале и неколку „прозорци“ за патниците да бидат опкружени со глетки од прекрасната природа додека минуваат низ него.
Пред градбата на тунелот, пристапот до селото во долината на Тајханг, кое го добило името по бунтовник од времето на династијата Хан, бил многу тежок. Селаните нерадо заминувале од своите домови бидејќи морале да се искачуваат по тесен и стрмен планински пат.
Извор: punkufer