Истражувачи пронашле повеќе од 4.000 хемикалии во пластиката што се користи за храна или за други работи што секојдневно ги користиме.
Штетата што пластиката им ја нанесува на морскиот свет и на околината е прилично добро документирана. Но, она за што повеќето луѓе не се свесни се штетните хемикалии што се користат за правење пластични пакувања за сè, од храна до вода.
Истражувачите во норвешкиот Универзитет за наука и технологија се обиделе да посветат внимание на таа мистерија и утврдиле дека бројот на хемикалии што се користат за правење пластични амбалажи за храна е 4.000. И тоа е конзервативна процена. Истражувачите сметаат дека бројот на штетни хемикалии е поголем.
- Проблемот е што пластиките се направени од сложен коктел од хемикалии, па често не знаеме точно кои супстанции ги има во производите што ги користиме. За повеќето од илјадниците хемикалии нема како да кажеме дали се безбедни или не. Тоа е така затоа што е невозможно да се влезе во трагата на сите овие соединенија. Производителите можеби ги знаат состојките на нивните производи, а можеби и не ги знаат, но дури и ако ги знаат, не е побарано од нив да ги кажат тие информации - истакнува Мартин Вагнер, биолог при
универзитетот.
8 различни пластики направени од многу хемикалии
Фото: Interesting Engineering
Вагнер, кој ги проучува еколошките и здравствените импликации од пластиката, предводел тим истражувачи кои ги проучувале токсичноста и хемискиот состав на осум вида пластика кои често се користат за правење секојдневни производи, како што се чаши за јогурт или сунѓери за капење. Од испитаните производи се покажало дека три од четири содржат токсични хемикалии.
Истражувачите утврдиле и дека 6 од 10 производи имале хемикалии кои биле генерално токсични, додека 4 од 10 покажале позитивни резултати на тестовите за оксидативен стрес и 3 од 10 имале ефекти кои влијаеле врз ендокриниот систем.
Истражувачите во трудот наведуваат дека е невозможно да се утврдат одредените хемикалии што треба да се прогласат за виновни. Тоа значи дека има многу пластични хемикалии што сè уште се непознати и е невозможно да се утврди дали претставуваат ризик за здравјето за консументите.