X
 19.03.2019 Живот

Мртов кит исфрлен на Филипините имал 40 кг пластика во стомакот

Мртов кит кој беше исфрлен на бреговите на Филипините имал 40 килограми пластични кеси во стомакот, соопштија истражувачите.

Работниците во музејот „Д'Боун колектор“ го нашле трупот на клунестиот кит (Ziphius cavirostris) источно од градот Давао.

Во статус на „Фејсбук“ од музејот истакнаа дека во китот имало најмногу пластика што дотогаш имале видено.

Во стомакот на китот имало 16 вреќи за ориз, како и повеќе кеси за пазарување. Од музејот најавија дека во текот на следните денови ќе објават целосна листа со работите што ги пронашле во китот.



Користењето пластика за една употреба е голем проблем во некои југоисточни азиски земји, меѓу кои се и Филипините.

Пет азиски нации - Кина, Индонезија, Филипините, Виетнам и Тајланд - се одговорни за до 60 отсто од пластичниот отпад што завршува во океаните, покажа еден извештај од 2015 година.

Во јуни минатата година еден кит во Тајланд умре откако проголта 80 пластични кеси.

Неговата смрт дојде набрзо по објавувањето на извештајот на британската влада во кој беше наведено дека нивото на пластика во океаните би можело тројно да се зголеми ако не се преземат конкретни мерки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот