Улогата на социјалните мeдиуми, етиката во новинарството, потребата од медиумска писменост во напливот и хаосот од лажни вести, пристрасното информирање, манипулациите беа само дел од темите и трибините како „Моќта на медиумите“, „Како да се изгради доверба во медиумите на Балканот?“, „Медиумска писменост“ „Иднината на Европа - јакнење на европската демократија“, за кои во текот на седум дена (од 6 до 13 септември) се дебатираше на третиот по ред „Фажана медиумски фестивал“.
На него присуствуваа стотина новинари, уредници, новинари, професори, медиумски експерти од 17 земји од регионот и светот кои расправаа за предизвиците со кои се соочува новинарството во време на сè поголеми политички и економски притисоци. Учесниците партиципираа во различни работилници во кои беа промовирани книги, се прикажуваа документарни филмови, се организираа изложби на фотографии, театарски претстави, музички вечери. Во весела атмосфера присутните заклучија дека, за жал, новинарството се соочува со многубројни предизвици и има многу работа за да се постигне квалитетно, професионално и одговорно новинарско известување кое работи во интерес и за граѓаните. Но, прашањето како да се постигне тоа, иако понуди многу одговори, остана недоразјаснето. Дигиталниот свет ни наметна нови правила на игра, во нив нема правила на однесување и пишување, па состојбите се дополнително усложнети.
Трката по брзина, атрактивност, читаност и што поголем број кликови ни го донесе и новиот поим кликбејт. Тоа е, всушност, наслов на текстот кој е сензационалистички, а кој кажува или раскажува нешто што може воопшто да го нема во содржината на веста. Сам по себе ваквиот наслов е атрактивен, бомбастичен, понекогаш експлозивен, понекогаш романтичен, но секогаш тежнее да привлече внимание, односно да обезбеди „клик“. Овој вид манипулација е еден од најраспространетите на социјалните мрежи и претставува наједноставен начин и најздодевната вест да ја направи атрактивна, но истовремено е и дел од тоа што го нарекуваме непрофесионално известување.
Единствениот фестивал на медиумите, кој се одржува во Фажана, има цел да го покаже и животот на новинарите надвор од трката по вести и медиумите во кои го минуваат добар дел од денот, па цртаат, глумат, промовираат книги кои самите ги напишале или презентираат слични активности. Тоа што останува како основна идеја за фестивалското дружење се пораките за поддршка на сите видови антинационализми, антифашизми, контра маргинализација на ранливите и маргинализирани групи, а за - професионалното и одговорно известување. Особен интерес предизвикаа неколку дебати, на пример, „Како да се изгради довербата во медиумите на Балканот?“ на кој, меѓу другите, учествуваше и Ајден Вајт (основач на Етикал џурнализам нетворк) од Лондон, кој говореше за потребата од реструктурирање или реорганизирање на новинарството. Фокусирање на неговите базични вредности, пренесување вистина, промовирање факти, но и толкување на фактите во интерес на вистината, промовирање на правилото новинарскиот производ секогаш да има најмалку два извора, односно секогаш да се застапени двете страни на приказната. Тој го посочи и примерот на граѓанското новинарство и весникот што една лондонска населба под негово водство го печати за сè што се случува во рамките на неа. Во време на дигитален свет печатените медиуми сè уште наоѓаат интерес кај граѓаните затоа што се посветени на нив и уште повеќе затоа што тие се креирани од нив. Самите учествуваат во уредувачката политика преку текстови кои ги пишуваат, преку нивните случувања што ги споделуваат.
На фестивалот со особено интересни дебати беше претставен и Институтот за медиумите и различностите од Лондон (Media Diversity Institute), на кои се говореше за дезинформациите, омразата и медиумскиот интегритет, како и провокативната панел-дебата „Од некултура на цензурата до култура на отказот/различности и предизвици“, модерирана од извршниот директор Милица Пешиќ.
На фестивалот беа присутни и претставниците на South East European Network for Profesionalizaton of Media / SEENPM-a, а меѓу активностите беше забележана и панел-дискусијата под име „Примена на законите за замолчување на новинарите“. На програмата беа претставени и многубројни актуелности од работата на Европскиот парламент, а меѓу поинтересните дебати беше и „Владеат ли владите со медиумите или медиумите со владите?“ - панел-дискусија со интригантен наслов на кој говореше професорката Снежана Миливојевиќ од Универзитетот во Белград, која рече дека медиумите, за жал, сè повеќе се во подредена положба на власта и го покрена прашањето како новинарите да се справат со оваа масовна појава.
Еден од идејните творци на „Фажана медиумски фестивал“, долгогодишниот новинар Саша Лековиќ, смета дека новинарството е деградирана професија, а новинарите во поделените општества сè потешко наоѓаат работа која ќе биде пристојно платена. Името на фестивалот доаѓа од името на малото рибарско гратче на југозападниот дел од Истра, Хрватска, место каде што новинарите се обидуваат да укажат на проблемите со кои се соочуваат барајќи излез од нив. Не е тајна дека слободата на медиумите е клучна особено во турбулентни времиња кои некако со декади го оптоваруваат регионов. Соопштување на вистината, презентирање факти, пренесување изјави такви какви што се или парафразирање без менување на контекстот, односно суштината се дел од непристрасното информирање кое е клучно особено за држави како нашите, во регионот на Западен Балкан. Токму во демократиите во развој неопходно е граѓаните да добиваат точни, веродостојни информации, што според последниот извештај на Светскиот индекс на слободата на медиумите, кој еднаш годишно го објавува организацијата Репортери без граници (РСФ), не е случај.
Да се потсетиме дека слободата на медиумите со почетокот на пандемијата на ковид-19 драматично е падната во целиот свет, а во извештајот објавен во април годинава забележано е дека во 2020 година од 180 земји во светот дури 73 отсто имаат сериозни проблеми со медиумските слободи. Според индексот на рангирање на слободата на медиумите, Норвешка е на прво место со индекс 6,7 а Еритреја на последно со индекс од 81,45. Во земјите во регионот ситуацијата е следна: Хрватска е на 56. место (напреднала за три места) и во истата зона е со Босна и Херцеговина, која е на 58. место, па Србија на 98. место, Црна Гора на 104. и Македонија на 90. место. Две места погоре од минатиот пат бележат Албанија на 83. и Косово на 78., кое бележи пад од осум места. Земјите од Западен Балкан се во таканаречената портокалова боја, што е „лошо“ за состојбата со медиумите. Затоа ваквите медиумски случувања каде што се дебатира, разговара, полемизира се добредојдени во интерес на заложбите што и како понатаму заради подобри медиуми, и стекнување поголема доверба кај граѓаните.