Вештачката интелигенција ги користи компјутерите и машините за да ги имитира способностите на човечкиот ум и моќта на одлучување за решавање проблеми. Во однос на уметноста, веројатно за среќа, таа засега не може да ги доживее, изрази и артикулира страста и емоцијата кои уметникот, авторот, ги поседува и манифестира во процесот на создавање на уметничкото дело. Во однос на авторските права, може да се појават предизвици околу докажувањето на оригиналноста на делото, особено во случаите кога ВИ генерира дела без човечка интервенција, смета Лазе Трипков, графички дизајнер
Вештачка интелигенција е способност на дигитална машина или компјутер да извршува процеси на човечкиот ум. И полека влегува во нашиот секојдневен живот. Со помош на вештачката интелигенција се пишуваат цели текстови, се прават фотографии, дизајни... Па оттука се поставува прашањето кој ги поседува авторските права за креативноста на вештачката интелигенција? Како да се заштитат авторите на фотографиите? На текстовите? Графичките дизајни? Дали се под закана?
Сепак, едно е јасно, вештачката интелигенција е алатка и не може да носи човечки одлуки. Системот на вештачката интелигенција е брз, рационален и точен, но тој не е интуитивен, емпатичен или чувствителен. Вештачката интелигенција не размислува креативно и надвор од својот код.
Допрва ќе видиме како ќе се одрази врз новинарството
На тема вештачката интелигенција и авторските права поразговаравме со членови на Здружението за новинари на Македонија. Според нив, користењето на вештачката интелигенција претставува нешто ново во новинарската професија и сѐ уште е рано да се дава оцена дали е добро или лошо.
- Допрва ќе видиме како ќе се одрази врз новинарството, но позитивно е што веќе се разговара на оваа тема во локалната новинарска заедница. Важно е да се напомене дека користењето на вештачката интелигенција не е замена за вистинските новинари. Иако може да помогне да се автоматизираат одредени задачи и да се направи процесот на известување поефикасен, таа не може да го замени критичкото размислување и расудувањето што се бара од новинарите. Новинарите мора да продолжат да ја користат својата експертиза и етичко расудување за да ги оценат информациите генерирани од алатките за вештачка интелигенција и да се осигурат дека нивното известување е праведно, точно и непристрасно. За оваа актуелна тема Европската федерација на новинари (ЕФН) ги повика јавните власти да не ја регулираат употребата на вештачката интелигенција во редакциите, туку да ја промовираат нејзината етичка употреба. Употребата на алгоритми треба да ги зачува медиумскиот плурализам и слободата на изразување. Исто така, посочено е дека со воведувањето на вештачката интелигенција во медиумите тоа ќе бара и инвестирање во обуки на новинарите и медиумските работници – велат од ЗНМ.
Нови времиња, со нови предизвици
Лазе Трипков, графички дизајнер, смета дека вештачката интелигенција (ВИ) во процесот на креирање дела или продукти носи нови предизвици за Законот за авторски права. Во Македонија, како и во многу други држави, авторските и интелектуалните права се заштитуваат според Законот и обезбедуваат правна заштита на оригиналните креативни дела. Сепак, со појавата на ВИ можат да се генерираат автоматски дела без човечка интервенција, па оттука се појавуваат некои прашања поврзани со авторските права и оригиналноста на таквите дела.
- Веројатно проблемите и предизвиците во однос на вештачката интелигенција треба да ги анализираме преку различните временски потреби... Како поткрепа на ова би навел неколку примери: Во 2017 г. „Гугл“ финансира програма за вештачка интелигенција која ќе пишува локални вести, а во 2016 година група музеи и истражувачи од Холандија го објавија портретот насловен „Новиот Рембрант“, уметничко дело генерирано од компјутер кој анализирал илјадници дела на холандскиот уметник од 17 век, па понудил можен автопортрет... Во однос на литературата, во 2016 година во Јапонија, роман напишан од јапонска компјутерска програма, стигна до вториот круг на националната книжевна награда. Во однос на музиката, компанијата за вештачка интелигенција „Дим мајнд“ во сопственост на „Гугл“ создаде софтвер кој може да генерира музика со слушање снимки. Во други проекти компјутерите пишуваат песни, уредуваат фотографии, па дури и компонираат мјузикли - ни изјавува Трипков.
Лазе Трипков
Вештачката интелигенција ги користи компјутерите и машините за да ги имитира способностите на човечкиот ум и моќта на одлучување за решавање проблеми. Во однос на уметноста, веројатно за среќа, таа засега не може да ги доживее, изрази и артикулира страста и емоцијата кои уметникот, авторот, ги поседува и манифестира во процесот на создавање на уметничкото дело, посочува тој.
Во однос на авторските права, може да се појават предизвици околу докажувањето на оригиналноста на делото, особено во случаите кога ВИ генерира дела без човечка интервенција.
- Како се одредува оригиналноста на делото кога нема човечки автор? Ова може да биде предмет на размислување и интерпретација од страна на судовите и другите компетентни институции, како и стручни проценители. Второ, авторските права можат да се однесуваат на самото ВИ, како на автор на генерираните дела. Ова може да предизвика размислување околу правата и одговорностите на ВИ и дали тие треба да бидат заштитени и регулирани со закон. Затоа сметам дека ова прашање е многу значајно денес. Сепак, ова се нови времиња, со нови предизвици. Вештачката интелигенција е онолку потребна колку што ќе наметне човечката интелигенција - посочува Трипков.
Дали дизајните што се креирани од ВИ подлежат на заштита на авторски права?
- Како одговор на ова прашање ќе изложам три различни согледувања: Прашав неколку ВИ софтвери, па го пренесувам во целост текстот кој ми беше понуден од страна на „Чет-ГПТ“ во врска со оваа темa: „Прашањето дали дизајните генерирани од вештачката интелигенција треба да бидат заштитени со закон е сложено и повеќеслојно и бара внимателно разгледување на правните, етичките и практичните импликации. Како што технологијата за вештачка интелигенција продолжува да напредува, можеби ќе треба да се развиваат правни рамки за да се решат уникатните предизвици што ги поставуваат дизајните генерирани од вештачка интелигенција, а истовремено да се осигури дека се земаат предвид иновациите и етичките размислувања. Препорачливо е да се консултирате со правни експерти и креатори на политики за да останете информирани за тековниот правен пејзаж и сите потенцијални промени поврзани со дизајните генерирани од вештачката интелигенција.“
Втора опсервација е мојата улога како индивидуалец автор/дизајнер во Македонија и како дизајнер кој работи интернационално – тоа се комплетно различни поставки и позиции и не може да се поистоветуваат со актуелните закони. И покрај сѐ, мојот труд е оригинален, артистички, автономен, произлегува од сериозно истражување, методологија развивана со долгогодишното искуство и практика, поткрепена со скици и решенија, како и вложен труд и знаење, за да се реализира одреден визуелен продукт/лого/плакат. Нивното поедноставување во рамка поинаква од стручната, за да бидат законски формулирани или оправдани со авторството, покренува многу прашања за применливоста на традиционалните правни рамки за дизајни генерирани од вештачка интелигенција.
Трето согледување е она што денес е многу актуелно и ги опишува дизајните генерирани од вештачка интелигенција како производ на човечки напор: Застапниците за заштита на дизајните генерирани од вештачка интелигенција тврдат дека иако дизајните се создадени од алгоритми за вештачка интелигенција, тие сепак се производ на човечки напор и покрај тоа што користат промпт за онлајн дата-бази на генерички слики, јавно достапни имиџи, пиктограми и логограми, логотипи, плакати, сток-база... Тука умешноста на „авторот“ е изборот на зборовите, појаснувањето кон побарувањето, па тие дизајнери вклучени во креирањето на податоците за обуката, изборот на алгоритми и усовршувањето на излезот, сметаат дека треба да имаат право на правна заштита на дизајните - објаснува детално нашиот соговорник.
Како да се заштитат авторите на делата?
Компјутерите и креативните процеси се одамна воспоставени „форми на соработка“. Терминот „роботски уметници“ преку примери низ историјата можеме да го сретнеме уште во 70-тите години, каде што компјутерите произведуваат груби уметнички дела, а истите тие денес се многу пософистицирани.
- Денес одиме дотаму што дигиталниот маркетинг и социјалните мрежи станаа најдостапна и најевтина алатка за масовна еднолична комуникација, каде што важат поинакви правила. Многу често разговарам и со моите студенти за оваа проблематика и ги поттикнувам да размислуваат, бидејќи нивното време допрва доаѓа и од нив зависи дали авторството како колективен или индивидуален труд со или без ВИ ќе стане корисна свесна артикулација. Јас лично го гледам ова како сериозен предизвик, дури отидов и чекор понатаму и преку истражување го вметнав во мојата докторска дисертација, анализирајќи ги формите што ги „начекавме“ по ковидот. Иако новите тенденции бараат соодветна трансформација поради напредниот развој на виртуелната реалност, вештачката интелигенција, НФТ и претстојниот „метаверс“, се обидувам во истражувањето да го нагласам т.н. „универзален запис на времето“. И секако предизвикот како можат да се интегрираат дизајнерите во сложен систем на технолошки тенденции со цел да се справат со сегашноста и да ја предвидат иднина. Историјата на уметноста има забележано неколку доста значајни ликовни изрази и уметнички правци, стилови, на кои денес им се воодушевуваме оти успеале да инспирираат движења во корист и против. Од временска дистанца гледано, нѐ очекува многу интересен период, сѐ ќе зависи од нас – изјавува дизајнерот Трипков.
Кирил Штрков, претседател на ФСМ, вели дека во однос на правната дилема околу авторските права, користењето на вештачката интелигенција е комплексен проблем, а и не е негов домен.
- За проблемот со употребата на вештачката интелигенција при создавање „фотографија“, ние во ФСМ имаме став дека фотографија може да биде само она што е создадено низ процес на класична фотографска постапка, на филм, дијапозитив, низ некои класични, постари постапки или дигитален медиум. Особено сме ригорозни кон манипулацијата на фотографиите (додавање и одземање елементи, употреба на филтри итн.). За таа цел, имаме цела низа проверки на фотографиите, а една од најсигурните (кај дигиталните фотографии) е постоење на РАВ формат (генерички фајл). Секако, генерирањето фајл со елементи на фотографија со помош на вештачка интелигенција е возможно и треба внимателно да се следи и да се спречи секоја негова (зло)употреба на фотографски настани и натпревари - посочува тој.