X
 19.10.2018 Наука

Дел од „Фалкон 9“ пронајден на плажа, Илон Маск под притисок да си го собира отпадот зад себе

Компанијата „Спејс Икс“ на Илон Маск има проблем со следењето на својот отпад. Втор пат во тек на една година остатоци од ракета лансирана од страна на „Спејс Икс“ се појавуваат на бреговите на Северна Каролина.

Големото парче метал било откриено на плажа во оваа американска сојузна држава.

Составниот дел на ракета, кој е долг три, а широк два метра, бил толку тежок што локалните служби требало да земат багер за да го тргнат од плажата.

Службите стапиле во контакт со „Спејс Икс“ за пронајдениот остаток бидејќи компанијата има неколку подлоги за лансирање на источниот брег. Од „Спејс Икс“ ја потврдиле веста, истакнувајќи дека парчето навистина е од ракета „Фалкон 9“.

Оваа година компанијата лансираше неколку вакви ракети од источниот брег на САД и се претпоставува дека ова е „мал“ дел од некоја од нив.

-„Спејс Икс“ работи со локалните власти за да го земе назад делот. Благодарение на напредоците кои ги имаме во повеќекратното користење, „Спејс Икс“ е единствената компанија која е способна да си ги добива назад ракетните бустери и вселенските бродови - истакнаа од компанијата.

Тоа е вистина, но до ден-денес ракета која би можела целата одново да се користи не е направена. А тоа ќе биде и многу тешко ако компанијата продолжи да губи огромни и скапи делови.

Фото: Science Alert

Минатиот октомври, друг дел од ракета на „Спејс Икс“, долг околу 4,5 метри, беше пронајден, исто така во Северна Каролина. Но, очигледно тој не беше интересен за компанијата, од каде рекоа дека локалците можат да го задржат или, пак, од компанијата би можеле да отидат до таму и да се ослободат од него.

Делот откриен оваа година изгледа дека е повреден, иако се уште не е јасно што точно е тој дел. Се смета дека делот бил исфрлен на брегот по тропските бури и урагани.

Која и да е причината, јасно е дека слабите напори за чистење на компанијата се тема на дискусија. Ако Маск сака да направи ракети кои ќе можат да се користат повеќекратно, би требало да ги засили и напорите за рециклирање на неговата компанија, пишуваат американските медиуми
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука