Вкупно 420 сателити на Илон Маск сега се наоѓаат во ниската орбита на Земјата, ветувајќи нови услуги за интернет, но ова разгневи многу астрономи.
На небото низ цела Европа може да се забележи „воз од сателити“ што крстосува меѓу ѕвездите. Сателитите се видливи без посебна опрема. Овие објекти се почеток на „соѕвездието Старлинк“, приватна компанија што е дел од „Спејс Екс“ на Илон Маск, која ветува висококвалитетни интернет-врски од вселената.
На најновото лансирање што се случи на 22 април биле поставени 60 сателити во орбитата со ракетата „Фалкон 9“, со што вкупниот број на сателити достигна 420, што е доволно за да се почне со основните услуги. Не е сосема јасно колку Старлинк-сателити ќе бидат лансирани, иако некои сметаат дека бројката ќе надмине 12.000 - доволно за астрономите да се вознемират.
- Од моја гледна точка, фрустрирачки е кога мораш да избришеш 25 отсто од твоите фотографии за време на фотосесија. Се плашам дека нашиот иден поглед на ноќното небо ќе вклучува 10.000 сателити - вели германскиот аматер-астрофотограф Марсел Новацик.
Тој на својот твитер-профил напиша дека би сакал сателитите да имаат некаква опција за самоуништување. Фотографиите со долга експозиција се најдоброто нешто во астрофотографиите, а „Старлинк“ им остава бели линии преку овие фотографии. Некои уживаат во спектаклот, други не.
- Морам да признаам, од нив ми се гади. Постојано доаѓаат, бескрајно преминувајќи го небото, привлекувајќи го вниманието, светејќи посветло од која било ѕвезда - вели професорот Марк Меккохрин, постар советник за наука и истражување во Европската вселенска агенција.
Во првата фаза ќе има околу 1.600 сателити кои летаат на висина од 550 километри. Фирмата на Маск не е сама на овој пазар. Сличен план има и технолошкиот милијардер Џеф Безос, а неговиот проект вклучува 3.200 интернет-сателити под името „Проџект Кујпер“.
„Спејс Екс“ е свесна за загриженоста на астрономите и вели дека почнува да создава понови сателити со антирефлексивна површина - накратко, ќе ги обои во црно.
Астрономот Џонатан Мекдауел од Центарот за астрофизика (Харвард и Смитсонијан) вели дека е загрижен поради потенцијалот што голем број светли сателити можат да го уништат професионалното набљудување и да влијаат врз изгледот на ноќното небо. Сепак, тој вели дека е охрабрен од мерките што „Спејс Екс“ ги презема за да го намали тоа влијание.
Сепак, други водечки астрономи се покритични.
- Овие развои и она што следува може да го уништат ноќното небо, но и да им ја уништат работата на оние што се вклучени во научното проучување на вселената - вели Керолин Порко, поранешен водач на тимот на мисијата НАСА/ЕСА Касини-Хугенс.
Други експерти, пак, се загрижени за ризикот од судир што би го предизвикала масовната приватна констелација во таква преполна орбитална зона. Вселената е полна со 1.500 активни сателити, 2.200 непостојани сателити и според Европската вселенска агенција, милион мали фрагменти од вселенски остатоци во орбитата. Додавањето десетици илјади нови сателити на преполните орбитални патеки се смета за сериозна идна опасност, особено ако се земе предвид дека вселенскиот сектор во голема мерка е саморегулиран, а некои парчиња вселенски отпад не би можеле да се контролираат.
Порко вели дека нема доволно планови за тоа што би се направило во случај на судир или во случај еден од сопствениците да банкротира и повеќе да не може да раководи со
сателитите.
Оваа загриженост ја споделува и холандскиот експерт за вселенски отпадоци Марко Лангброк, кој вели дека е загрижен за безбедноста на вселената.
- Глетката на небото е слична како онаа во научнофантастичните филмови - вели тој.