X
 04.06.2020 Живот

Лансирањето на ракетата на „Спејс Екс“ е најгледаниот онлајн-настан на НАСА

 Во саботата, на 30 мај, „Спејс Екс“ ја лансира првата мисија со екипаж, тест-лет наречен „Демо-2“ што ги испрати двајцата астронаути на НАСА, Боб Бенкен и Даг Харли, до Меѓународната вселенска станица.

Ова беше првото лансирање со екипа од американска почва откако НАСА ја повлече својата флота во 2011 година и рекорден број луѓе се вклучија за да го гледаат лансирањето, соопштуваат официјалните лица од НАСА.

- Сè уште ги собираме податоците, но нашата метрика ни вели дека лансирањето имаше најмалку 10,3 милиони гледачи, што е најгледаниот настан што некогаш сме го следеле - вели вонредната администраторка за комуникации на НАСА, Бетина Инклан.

Да биде јасно: рекордот што „Демо-2“ го руши е за интернет-сообраќај, а не за гледање од друг вид. На пример, се проценува дека околу 600 милиони луѓе - една шестина од глобалното население во тоа време - ја гледале мисијата за слетување на Месечината на „Аполо 11“ на 20 јули 1969 година.

Неколку високи американски претставници, вклучувајќи го и потпретседателот Мајк Пенс, направија паралели помеѓу „Аполо 11“ и „Демо-2“, истакнувајќи дека и двете мисии се случија во време на екстремни превирања и поделеност во САД.

спејс екс
Фото: NASA/Bill Ingalls

Периодот кога „Аполо 11“ беше лансиран вклучуваше протести против Виетнамската војна и распространетата злоупотреба на граѓанските права. А денес, нацијата е среде пандемија на коронавирусот и немирите што се јавија по трагичната смрт на Џорџ Флојд, за која е обвинет еден полицаец.

- Ракетите „Сатурн V“ што ги лансираа мисиите „Аполо“ се издигнаа над гневот и вревата на нивните времиња. Тие беа симбол на национална сила и единство - изјави Пенс.

- Верувам дека милиони Американци денес ќе ја најдат истата инспирација и единство што ја најдовме во тие денови во 60-тите - додаде тој.

„Спејс Екс“ има договор вреден 2,6 милијарди долари за спроведување шест оперативни придружни лета до орбиталната лабораторија за НАСА. Ако „Демо-2“ биде успешен, компанијата на Илон Маск ќе може да почне да ги спроведува тие договорени мисии.

Извор: Space.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот