Во Европа окупирана од нацистите, малите луѓе, или како што често ги нарекуваме џуџињата, биле особено ранлива група. Секако, спаѓале под она што Германците го сметале за „генски инфериорен материјал“, па нивното убивање спаѓало во доменот на програмата за евтаназија.
Таканаречената „милосрдна смрт“ е исходот кој нацистите го применувале за сите што биле психички болни, ментално болни или пателе од генски нарушувања.
Кратко пред војната во Романија една фамилија џуџиња преживеала настапувајќи како група забавувачи - танцувајќи, пеејќи и свирејќи минијатурни инструменти. Фамилијата Овиц, која настапувала под името „Лилипут“, патувала низ Унгарија, Чехословачка и Романија служејќи се со разни јазици.
За несреќа на Овиц, кога „Дизни“ во 1937 година го продуцирал мегахитот „Снежана и седумте џуџиња“, Хитлер станал голем обожавател на тој филм. Иако поради антиамериканизацијата филмот бил забранет во Германија, тој имал свое место во приватната колекција на Хитлер. Симпатичната приказна го освоила, но и го нервирала бидејќи му укажувала на техничката надмоќ на САД во филмската продукција и анимација.
Но, ни самиот Хитлер веројатно не претпоставувал дека ќе има можност да добие свои седум џуџиња, иако во таа приказна нема Снежана, туку само чисто зло во облик на Јозеф Менгеле.
Во 1940 година антисемитскиот закон официјално им ги забранил јавните настапи на сите Евреи, а фамилијата Овиц немала друг избор освен да го скрие своето потекло и да продолжи да настапува за да
преживее.
„Зоолошката“ на Менгеле станала кошмар за џуџињата
Групата се состоела од 12 члена и сите биле џуџиња, но некои накратко успеале да побегнат од несреќната судбина, за на крај да завршат пред стрелачкиот вод на СС. Иронично, подобро поминале оние седум што на 12 мај 1944 година биле фатени и превезени во „Аушвиц“.
Таму дошле во рацете на „ангелот на смртта“ - Менгеле, кој спроведувал бизарни медицински експерименти на луѓето со деформитети и абнормалности, во што ги вбројувал и луѓето со џуџест раст. Својата колекција на испитаници тој ја нарекувал и „зоолошка градина“.
Чуварот го разбудил околу полноќ на 19 мај 1944 година, информирајќи го дека во кампот пристигнала фамилија џуџиња - Розика, Францика, Аврам, Фрида, Мики, Елизабет и Перла Овиц.
- Се смееше како дете на божиќно утро - подоцна известија сведоците на случувањата, прераскажувајќи дека ги кревал еден по еден, одмерувајќи ги како играчки.
Иако им се обраќал љубезно, експериментите што ги спроведувал на нив биле застрашувачки.
- Најболни беа гинеколошките експерименти. Ни вшприцуваа разни течности во матката, ни ставаа предмети во вагината, извлекуваа крв, нѐ бодеа и отстрануваа делови од ткива кои ги нарекуваа примероци. Невозможно е да се опише таа болка, која траеше со денови по експериментите, така што не можевме да одиме - запишала Елизабет Овиц.
За тоа колку биле груби тие процедури, сведочи и фактот дека асистентот на Менгеле не сакал да учествува во експериментите бидејќи му било жал.
Менгеле никако не сакал да ги убие, па решил и понатаму сам да се „забавува“ со нив.
- Ни извлекуваа течности од 'рбетот, без никаков анестетик, ни вадеа здрави заби. Кога паѓавме во несвест, ни кубеа прамен по прамен коса за болката да нѐ разбуди. Често изведуваа болни експерименти на нашите мозоци преку носот, ни сечеа ткиво во усните, на рацете - раскажа Елизабет.
Сепак, колку и да бил Менгеле чудовиште, тој за Овиц од една страна бил и спасител - ги одбивал стражарите што доаѓале да ги одведат и да ги убијат бидејќи им дошол редот, велејќи дека има уште многу работа на нив.
Менгеле често им зборувал нагалено и им рецитирал - „зад седум планини се кријат моите седум џуџиња“, а жените од фамилијата Овиц му се обраќале со „ваша ексцеленцијо“ и му пееле кога ќе посакал.
Домашно видео за Хитлер
Менгеле понекогаш им носел и подароци - играчки или слатки кои ги земал од починатите деца во кампот. Подароците најчесто ги добивал 18-месечниот син Ли Овиц. Детето еднаш дури и го нарекол „тато“, но Менгеле го поправил велејќи му дека му е „само вујко“, а потоа малку ѝ ласкал на Фрида, која му била миленичка, велејќи ѝ дека е убава.
Меѓу другите инвазивни процедури што ги изведувал над нив, Менгеле им сипувал зовриена вода во ушите, а потоа студена, во очите им ставал разни хемикалии по кои некое време биле слепи. Немал никакви ограничувања.
Знаејќи колку Хитлер е воодушевен од џуџињата, Менгеле одлучил да сними филм во „домашна верзија“ во која фамилијата морала да пее германски песни за да го забавува фирерот. Тогаш фамилијата присуствувала на грубата смрт на две џуџиња чии тела биле варени за месото да се оддели од коските кои Менгеле сакал да ги изложи во музејот во Берлин.
Еден ден им донел фризер и шминкер и им наредил да настапуваат пред одредот на СС. Откако се качиле, морале да се соблечат, а тој со голем стап ги покажувал сите нивни делови на телото, а особено гениталиите, додека публиката се смеела. „Шоуто“ било хит, а фамилијата била дополнително понижена и преплашена.
Повеќето членови на фамилијата не очекувале дека ќе го преживеат логорот, но кога СССР го ослободиле кампот на почетокот од 1945 година, Менгеле набрзина ги зел книгите и избегал. На изненадување на Русите, целата фамилија излегла од „пештерата“ на Менгеле. Властите никогаш не го фатиле Менгеле, кој умрел во 1979 година во Бразил.
Подоцна Перла Овиц, последниот преживеан член на фамилијата (која почина во 2001 година), ги потврди страшните настани што ги преживеала, но сепак му била и малку благодарна на нејзиниот „спасител“.
- Да ме прашаа судиите дали треба да го обесат, јас би им рекла да го пуштат. Мене ме спаси милоста на ѓаволот, а Бог ќе му го даде на Менгеле тоа што го заслужува - изјави Перла.