X
 19.10.2020 Образование

60 години Економски факултет - Прилеп

Со активности приспособени на новите услови, под строги протоколи и доследно почитување на мерките за заштита и превенција од Ковид-19, на Економскиот факултет – Прилеп, единица на УКЛО, се одбележува 60-годишнината од основањето.

Присуството на ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, ректорскиот колегиум, пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Миле Талески, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, и на претставниците од бизнис-заедницата му дадоа посебен печат на настанот. Имено, на 19 октомври 2020 година, во аулата на факултетот, и ако во изменети услови, академските кадри, вработените и студентите на Економскиот факултет чествуваа за значајниот настан, со гордост за традицијата, но и постигнатите успеси на факултетот во современиот миг.

1

Во духот на одбележување на јубилејот, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Драгица Оџаклиеска, посочи: „Факултетот во оваа јубилејна година се презентира како отворена институција со воспоставени партнерства и соработка со повеќе високообразовни институции од земјата и од странство и стратегиска определба за натамошно ефикасно интегрирање во европскиот високообразовен простор. Факултетот, исто така, има изградено цврсти партнерства и соработка со бизнис-заедницата што генерираа синергетски ефекти преку примена на теоретските знаења во практиката и емпириските знаења во истражувачките активности и едукацијата на студентите. Досегашното шестдецениско искуство стекнато преку размената на знаења, контактите и соработката на Факултетот претставува фундаментална придобивка за неговиот перспективен развој. Натамошната одржливост и развојните насоки на факултетот се во корелација со визионерските претпоставки за респектирање и прифаќање на достигнувањата во сферата на информациската технологија, усвојувањето нови знаења и нивна соодветна трансмисија во програмските содржини. Економскиот факултет денес, како високообразовна  институција со голем потенцијал на наставнички и научен кадар, е подготвена да се соочи со предизвиците на новото време. Новата визија на факултетот, како креативен и проактивен субјект, произлегува од разбирањето на идните движења, процеси и промени во економската и општествената средина.

2

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, истакна: „Годишнините се можност да се чествува наследството. Така е и денеска кога ги одбележуваме 60-те сосема заслужени зрели  години работа на Економскиот факултет - најстарата високообразовна установа во состав на Универзитетот 'Свети Климент Охридски' - Битола. Станува збор за еден од пионерите во високообразовната едукација во областа на економските науки со завидна репутација во академските и стручни кругови во земјата, но и пошироко. Факултет кој убедливо претставувал и сè уште претставува своевидна авангарда, генератор на знаења, вештини и позитивни општествено-економски процеси, несебично давајќи го својот придонес во развојот и обликувањето на научната мисла преку интензивна образовна, но и истражувачка работа, преку вмрежување и градење партнерства со стопанството, бизнис-секторот, локалните власти и опкружувањето воопшто. Предноста на годишнините е што тие, сами по себе, асоцираат и на нови можности, предизвици, нови битки. И денеска водиме таква една битка, и од оваа позиција и од оваа сфера, високообразовната, се соочуваме со еден огромен, глобален  предизвик. Работите, според Хераклитовото 'панта реи' повторно ќе се менуваат и ништо нема да биде како што веќе било затоа што пред факултетот, како впрочем и пред целиот Универзитет, како што е случај на глобален план, претстои период на многу работа со цел во континуитет, но и во исклучителни  околности како што се актуелните, низ еден синергетски процес да се реализираат зацртаните цели и да се постигнат квалитетни резултати. Постигнатото е потврда за капацитетите, перформансите, за вредностите на оваа наша високообразовна установа, но истовремено тоа е  залог што сите нè обврзува за остварување на современите едукативни и научни парадигми, визии и перспективи“.

4

Со неподелено задоволство и внимание кон значајноста на настанот и местото што Економскиот факултет го има во високообразовниот простор во градот, државата и пошироко, се осврна и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски. Тој подвлече: „Она што треба да се истакне е дека наставните планови се креирани преку следење на позитивните светски научни трендови, што е резултат на настојувањата на факултетот во максимална мера да ги оствари современите научни, стручни и педагошки стандарди. Со тоа, на студентите им се овозможува стекнување на широко и сеопфатно теоретско, но и практично знаење, кое е неопходно за изнаоѓање решенија за секојдневните предизвици во работењето. Во оваа пригода ќе го искористам присуството на претставниците на бизнис-секторот за да апелирам до нив на остварување уште подобра соработка со Економскиот факултет. Кога го велам ова, пред сè, мислам на давање шанса, односно вработување на најдобрите студенти во реалниот сектор. Тоа ќе претставува одличен мотив за секој студент, но и препорака за факултетот“.

Во чест на јубилејот, поставена е трајна, ретроспективна изложба од фотографии низ кои е отсликан шестдеценискиот развоен пат и актуелниот миг од дејствувањето на факултетот. Низ илустративно-документаристичкиот пристап претставена е развојноста и едукативната дејност на Економскиот факултет, што разбирливо градира низ шестдеценискиот развој и ја дава денешната, актуелна слика на факултетот, особено затоа што во шестдецениското успешно функционирање на Економскиот факултет до денес дипломирале 7.385 студенти, магистрирале 448 студенти, додека респектабилната титула доктори на науки ја стекнаа 87 докторанди кои се реални носители на развојот на државата, регионот и  пошироко.

Значајно е да се напомене дека својата посветеност кон студентите Економскиот факултет ја обезбедува со финансиска поддршка од бизнис-заедницата, пред сè, компании и фирми со кои Економскиот факултет има воспоставено долгогодишна соработка и традиционално негува добри односи. Менаџментот од Факултетот оценува дека континуираното инвестирање во студентите благодарение на партнерството на академијата со институциите, фирмите и реалниот сектор дава конкретни резултати зашто во центарот на општествената кооперација се поставуваат најважните чинители – студентите. Во таа насока, својата посветеност кон студентите Економскиот факултет ја демонстрира со доделување награда на најдобро дипломираниот студент, Катерина Шулеска, која ги заврши студиите во академската 2019/2020 година со просечна оценка 10. Покрај ова, студентите од факултетот организираа натпревар за избор на најдобар есеј на тема: „Европската перспектива и предизвиците на младите дипломирани економисти во современата циркуларна економија“.

studentka

Меѓу активностите во чест на големиот јубилеј извршена е промоција на меѓународното научно списание SERBЕ, Southeast European Review of Business and Economic, како и  два броја од факултетскиот гласник „Еквилибриум“. Ова гласило, во 10-годишната традиција, содржи бројни написи кои се однесуваат на функционирањето на Факултетот и се осврнува на студентските активности. Претставувајќи ги овие значајни изданија, проф. д-р Димитар Николоски посочи дека тие нудат и стручни осврти и ставови на професори од овој факултет за мерките и политиките што треба да се преземат во услови на пандемија, со што Економскиот факултет на директен начин ја покажува својата проактивност и општествена одговорност.

profesor

Претходно, Економскиот факултет - Прилеп промовира истражување во соработка со Регионалната занаетчиска комора - „Влијанието на пандемијата на Ковид-19 врз малите и микробизнисите во старата прилепска чаршија“, со кое го евалуира влијанието на економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 врз занаетчиите, малите трговци и самостојни претприемачи во старата прилепска чаршија. Резултатите од ова истражување се презентирани пред претставници од бизнис-заедницата, а поради оригиналноста, истражувањето ќе се објави во меѓународна научна публикација.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование