Научниците сметаат дека долната и горната граница на адолесценцијата, односно
пубертетот, би требало да се поместат.
Некогаш се сметало дека човекот станува возрасен кога ќе наврши 19 години, но денес образованието трае подолго, а повеќето млади луѓе живеат заедно со родителите и не формираат брачни заедници толку рано. Се смета дека пубертетот почнува кога хипоталамусот ќе почне да лачи хормони кои ги активираат хипофизата и половите жлезди.
Порано луѓето влегуваа во пубертет на 14 години, но денес, во развиените земји, поради подобреното општо здравје и исхрана, овој карактеристичен период во созревањето почнува околу десеттата година кај децата.
Во Велика Британија девојчињата ја добиваат првата менструација четири години порано во споредба со периодот пред 150 години. Постојат и биолошки аргументи зошто би требало да се продолжи времето на адолесценцијата, наведуваат научните списанија.
Човечкото тело продолжува со развој и по пубертетот. Работата на мозокот се подобрува во текот на дваесеттите години од животот, а на голем број луѓе умниците им никнуваат дури околу 25-тата година.
Во Англија, според официјалната статистика, во 2013 година просечната возраст при прво стапување во брак изнесувала 32,5 години кај мажите и 30,6 години кај жените. Тоа е речиси осум години повеќе споредено со 1973 година.
Политиката треба да ги земе предвид промените во општеството и да ја продолжи поддршката за младите до нивна 25-годишна возраст, сметаат научниците.