X
 19.11.2017 Култура

Што прават Швеѓаните секоја среда?

Швеѓаните се необичен народ. Вредни се, но вонредно ја ценат паузата за кафе, скромни се, но нивното знаме се наоѓа насекаде и иако на прв поглед изгледаат студено како климата што ги опкружува, кога ќе ги запознаете, топли се како сауна. Швеѓаните не уживаат во бесцелни разговори и празни зборови, кои на другите им се потребни за да ја премостат непријатната тишина.

Кога немааш што да кажат, тие молчат, а ретки се оние кои ги поздравуваат своите соседи кога ќе ги сретнат. Понекогаш не возвраќаат ниту келнерите, а ни вработените по продавниците.

Коментари за временските услови со непознати луѓе на Швеѓаните им изгледа бесмислено, залудна активност, особено на повозрасните генерации. Од имигрантите, студентите на размена или туристите, можеби и ќе чуете некаков поздрав, но од Швеѓаните – многу ретко. И токму кога ќе помислите дека се студени и дистанцирани, може да ве изненадат со топла прегратка наместо поздрав.

„Зафикарете“ го попладнето

Најдобра работа кај „фиката“ е што нема правила. Можете да бидете сами или со пријатели, дома или во кафуле, во воз, на работа, кога било и каде било.

Но, да им се објасни на луѓе кои не се од Шведска што е тоа „фика“ – не е најлесната работа на светот. Се работи за пауза за кафе, но воедно и нешто што е многу повеќе од кафепиење. Тука има и ролнички со цимет (канелбулар), чоколадни топчиња во кокос (чокладбол), марципан-колач (семфлор) или кој било колач по желба.

Сепак „фиката“ има подлабоко значење од обична пауза за кафе со нешто слатко.

Тој ритуал толку е вплетен во нивната традиција, што понекогаш Швеѓаните поминуваат „фики“ и „фики“ за да им објаснат на своите пријатели од другите земји дека тоа е време за опуштање, зближување со пријателите, подобро запознавање или одмор од дневните обврски. „Фика“ е и ресетирање од напорниот ден, навика што ги тера луѓето да подзастанат, да седнат, да бидат свесни за моментот и под влијание на шеќерот да тргнат во нови работни обврски.

Инаку, податоците говорат дека Шведска е меѓу десетте најсреќни и најпријателски земји на светот. Главен град на „фиките“ е Стокхолм каде има стотици хипстерски и модерно уредени кафулиња, а ако сакате да го дознаете вистинското значење на „фика“ во Шведска,можете и да најмите домаќин кој ќе ве воведе во тајните на овој ритуал.

Мала сабота

Малата сабота не е резервирана само за Швеѓани; Норвежаните, Данците, Финците и Бугарите исто така ја практикуваат оваа навика.

Некогаш во Шведска „лилердаг“ или „мала сабота“ била ден кога слугинките имале слободен ден, затоа што во сабота работеле, а во модерно време тој ден за одмор е заменет со ден за опивање , и тоа во среда.

За волја на вистината, не толку интензивно како во текот на викендот, но сепак доволно за да се разбие неделната монотонија, да се направи по некоја глупост и да се создадат нови „дупки“ во памтењето.

Кај поумерените Швеѓани  се работи за неколку чаши пиво или вино и дружење со пријателите во кафулињата кои во среда навечер главно нудат попусти. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура