Истражувачки тим од САД дошол до откритие кое треба да им овозможи удобен престој на луѓето во нивните домови во текот на сите годишни времиња. Иако прозорците претставуваат основна потреба кога станува збор за пуштање на светлина и топлина во внатрешноста, понекогаш се случува да не ни треба ниту едното ниту другото, а можеби дури и двете.
Американски научници развија нов материјал кој им овозможува на прозорците лесно да се префрлаат помеѓу дури три различни режими. Така, прозорците би можеле да се префрлат од нормален проѕирен режим кој пропушта и светлина и топлина, преку режим кој ја блокира топлината, но остава проѕирност, во затемнет режим што блокира одредена количина на светлина, но и топлина.
На овој начин, според тимот инженери од Државниот универзитет во Северна Каролина, на корисниците треба да им се обезбеди удобен престој во текот на сите годишни времиња. Клучот за целиот систем се крие во материјалот наречен волфрам оксид, кој често се појавува во динамичните прозорци кои работат на принципот на електрохромизам.
Нормално проѕирен, волфрам оксидот потемнува и ја блокира светлината кога се применува електричен сигнал, што го прави погоден за затемнување на прозорците по потреба. Научниците успеале да ја искористат оваа способност на состојката со додавање вода, што го претвора во хидрат волфрам оксид.
Кога сè е исклучено, прозорецот останува проѕирен. Кога одредени електрони и литиумски јони се инјектираат во материјалот преку водата, тој прво поминува низ фаза каде што ја блокира инфрацрвената светлина додека останува проѕирен за видливи бранови должини на светлината. Како што повеќе електрони минуваат во материјалот, тој оди во темна фаза каде што ја блокира и видливата и инфрацрвената светлина, што е совршено за летните денови.
Не се знае зошто ова функционира, но научниците имаат хипотеза.
- Присуството на вода во кристалната структура ја прави структурата помалку густа, така што структурата е поотпорна на деформации кога во материјалот се вбризгуваат јони на литиум и електрони. Нашата хипотеза е дека бидејќи хидратот на волфрам оксид може да прими повеќе литиум јони од обичниот волфрам оксид пред деформација, добивате два режими. Постои „ладен“ режим, кога вбризгувањето на јони на литиум и електрони влијае врз оптичките својства, но структурната промена сè уште не се случила. Потоа, откако ќе се случи структурната промена, постои „темен“ режим кој ја блокира и видливата и инфрацрвената светлина - објаснува Женел Фортунато, главна авторка на студијата.
Извор:
Gradnja
Насловна фотографија: Pixabay