X
 25.11.2018 Живот

Како навистина изгледа животот во Шведска: Редовниот годишен одмор трае 5 недели, градинката чини 80 евра, образованието е бесплатно...

Босанската веб-страница „Бука“ разговараше со човек кој повеќе од две децении живее и работи во Шведска.

Соговорникот работи во приватна фирма поврзана со маркетинг. Работното време му е 8 часа, на што доаѓа половина час или еден час ручек.

-Таму сум 9 часа, од кои 8 платени. Работам од 7 до 16 часот. Секоја минута пред и после е платена по 1.25, бидејќи се смета за прекувремен. Платата во просек е 2.800 евра, иако доста варира во зависност од искуството. Почетната плата е околу 2.000 евра. Од овој износ, 30 отсто одат во даноци за државата од кои таа финансира сѐ, од полиција, војска, преку болници, градинки, училишта, урбанистички развој, градби и така натаму - вели соговорникот на „Бука“.

-Сите млади луѓе живеат во станови, а сите семејства со деца во куќи. Се разбира, има исклучоци, но ова е најпрактичниот начин за сите кои можат. За да се живее така, и двајцата мора да работат полно работно време. Би можело да се каже дека за кирија одат 25 отсто од примањата, значи околу 800 до 1.400 евра. Сите објекти се земаат на кредит, а можете да изберете повисока фиксна камата да речеме на 10 години или лизгачка камата што моментално изнесува 1.6 отсто - објаснува тој.

Кога станува збор за трошоци за комунални услуги, електрична енергија за куќа од 100 квадрати, чини 60 евра, студена вода 15 евра, а греење и топла вода околу 150 евра месечно. Фиксниот телефон повеќе не се користи, воглавно сите користат мобилни, чија сметка изнесува околу 25 евра.

За храна се троши околу 500 евра месечно, со што сѐ повеќе луѓе купуваат само еко храна, а таа е доста скапа. Лебот чини 2 евра, литар млеко 1 евро, црвеното месо е најскапо, и до 30 евра килограм, додека пилешкото е околу 8 евра килограм.

-Колку останува од платата не може да се каже, бидејќи сите семејства имаат деца кои имаат различни спортски активности. Децата од 5 години па нагоре често посетуваат и по два спорта неделно, значи 4 тренинзи. Сето тоа варира, но генерално кажаноо, оние со просечни плати, кои живеат во стан, можат да заштедат и цела една плата, значи околу 2.000 евра, додека семејствата со деца кои живеат во куќи може да се задоволат со 500 евра - додава тој.

Што се однесува до останатите трошоци, градинката чини 80 евра, и сѐ влегува во цената, а детето таму е 10 часа. Училиштето е бесплатно, а храната и сѐ потребно се финансира од државата, односно од данокот. Автомобил на кредит чини во просек 300 до 400 евра на 7 години.

Редовниот годишен одмор во Шведска е вкупно 5 недели, каде работодавачот мора да му одобри 4 недели на работникот. Во просек може да се заработат уште 3 од прекувремена работа. Сите 5 недели се платени нормално како да се работи.

Кога станува збор за родителството, работникот кој добива дете има право на 420 слободни платени денови, што може да ги поделат со сопругата. Но, има уште една интересна пресметка.

-Во неделата има 7 дена. Можете да земете породилно од 1 до 7 дена и од тоа зависи колку долго можете да бидете со детето. Ако другиот родител има добри примања може да земе помалку број денови, да речеме 3 дена. Кога ќе поделите 420 со 3 добивате 140 седмици. Тоа се скоро три години и никој не може да ве одбие кога станува збор за детето - вели соговорникот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот