X
 06.03.2020 Уметност

Фотограф ја доловува живописната уметност на метро-станиците во Стокхолм

Фотографот Дејвид Алтрат пораснал во Дателн, Германија, и уште како тинејџер се интересирал за архитектурата. Неговата фотосерија наречена „Метро“ ги доловува сложените уметнички дела и дизајни на подземните метро-станици во Стокхолм, Шведска.

Алтрат вели дека бил фасциниран додека читал за подземните станици откако дознал дека честопати се нарекуваат „најдолгата изложба во светот“.

Фотографот сакал да види дали метрото е навистина тоа што го кажуваат другите.

- Помислата да доживеам поинаква уметничка изложба ме заинтригира. Ми стана јасно дека морам да го посетам метрото. Две ноќи шетав низ празните станици, кои инаку се преполни, за да ја доловам нивната убавина и нивната атмосфера - вели тој.

Неговите фотографии ги прикажуваат живописните бои и пештерските структури на подземниот систем.

Во Стокхолм има 100 станици и секоја од нив има уникатен дизајн и уметнички инсталации. Повеќе од 100 уметници придонеле за метрото откако биле поканети да ги украсат станиците во 1957 година.

Додека разговарал со локалното население, Алтрат имал чувство дека тоа многу се гордее со метрото.

- Тие чувствуваат силна почит кон метрото, а дизајнот има смирувачки ефект врз патниците. Сè изгледа дека функционира на уреден начин - вели Дејвид.

Фотографот смета дека монотоната архитектура на повеќето метроа честопати изгледа депресивно, додека станиците во Стокхолм обезбедуваат попријатно патничко искуство.

- Стокхолмското метро ве кани да паузирате и да оставите вашиот поглед да талка за да ги откриете сите негови детали. Тоа е едно од најчистите метроа што сум ги видел досега - вели тој.

Пред да почне да работи на овој проект, Алтрат патувал и посетил неколку подземни станици низ цела Европа, вклучувајќи ги станиците во Хамбург, Лондон и Париз. Иако сметал дека постојат и други импресивни станици, тој вели дека метрото во Стокхолм му е омилено токму поради бројот на уметнички инсталации и варијации во боите.

ГАЛЕРИЈА

Извор: Insider.com
Фото: David Altrath
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност