Познато е дека ситните делови од пластика можат да се најдат насекаде. Пронајдена е микропластика во рибите, птиците и во други животни, како и во океаните, водоводот, пакуваната вода и во земјата. А сега, истражувачите откриле микропластика во примероци од измет на луѓето низ светот.
- Истражувањето го потврди она во што се сомневавме долго време - пластиката пристигна и во човечкото тело - вели главниот автор на истражувањето, д-р Филип Швабл од Универзитетот за медицина во Виена.
Малку се знае за здравствените ефекти од микропластиката, но постои загриженост дека пластиката што поминува може да влијае врз дигестивниот систем и да стигне до другите органи.
- Сега, кога ги имаме првите докази дека микропластиката стигна и до луѓето, потребни ни се понатамошни истражувања за да сфатиме што значи тоа за човечкото здравје - вели Швабл.
Во истражувањето учествувале луѓе од осум земји од различни делови на светот: Австрија, Финска, Италија, Јапонија, Холандија, Полска, Русија и Велика Британија и кај сите била пронајдена микропластика.
Микропластика е мал дел од пластика, под пет милиметри и до големина на зрно сусам. Микропластиката се формира кога ќе се скршат поголемите делови од пластиката. Може да заврши во океаните и во големите езера, каде што овие честички влегуваат и во синџирот на исхрана. Така, научниците пронашле микропластика во туната, раковите и шкампите. Луѓето се изложени на микропластика веројатно поради загадената храна, а до ова дошло поради големото загадување на природата од страна на луѓето.
Истражувањата спроведени на животни покажуваат дека
микропластиката може да влезе во крвотокот и во лимфниот систем, а може да стигне и до црниот дроб. Покрај тоа, микропластиката може да предизвика оштетување на стомакот и да влијае врз тоа колку телото ги апсорбира хранливите материи.