Низ интернетот кружи исповед на еден татко - за искреноста и храброста на неговата ќерка, како и добрината на една наставничка која случајно се нашла.
„Драги мои
Утринава јас и мојата 9 годишна ќерка отидовме во блискиот ресторан да поминеме некое време заедно со сендвич, кафе и лимонада. Мојата ќерка ги зеде домашните задачи, а јас си го зедов весникот и телефонот. Ова наше излегување требаше да биде како и другите претходно - таа си го правеше своето и беше окупирана со училишните работи, а јас ги проверував моите меилови, извршував некои работи и читав весник. Звучи познато, нели? Но, денес мојата ќерка ме праша нешто: „Тато, може да не ги читаш меиловите? Дали може само да бидеме заедно?“ Не се обидувам ова да го претворам во мелодрама, ова беа нејзините зборови.
Па, денес сме заедно, седиме и разговараме. Ми го покажа четивото на кое работеше, а јас и` раскажував за денот кога се роди. Се забавуваме така што си разменувавме пораки на ливчето на кое погодувавме дали паровите на другите маси се на љубовен состанок или се само пријатели. Таа инаку сака да ги набљудува и имитира сите тие момчиња и девојки додека се обидуваат да остават најдобар впечаток врз својот потенцијален партнер. Ми раскажуваше за нејзиниот пријател кој има хрчаци. Ја набљудував додека го џвакаше својот сендвич и размислував за тоа колку ја сакам. Ми беше непријатно тоа што претходните искуства од нашите излегувања ја наведоа денес храбро да ми каже дека сака да и` обрнам внимание. Се чувствував виновен што претходно тоа не го направив сам, без таа да ме праша. Пред да тргнеме, отидов до шанкот да ја платам сметката и да земам сендвич за нејзиниот брат. Кога се вратив на масата кадешто седевме, видов парче хартија со порака. Мојата ќерка ми кажа дека една госпоѓа, пред да го напушти ресторанот, ја прашала дали и` сум татко бидејќи има порака за мене. Малку изненаден, се свртив околу себе, а потоа го зедов ливчето од масата и започнав да ја читам пораката. Она што го пишуваше таму остави силен впечаток врз мене, а јас се надевам дека силата на оваа порака ќе дејствува и врз ваз онака како што делуваше врз мене.
„Работам во училиште во кое многу девојки немаат татко. Оние кои имаат, никогаш досега не го добиле нивното целосно внимание, како што вие го посветувате на вашата ќерка ова утро. Не сте ни свесни колку со овој гест им помогнавте на многу наставници кои се и кои ќе бидат одговорни за образованието на вашето дете од денес, па се` до нејзиното дипломирање“.
Затоа, ве молам, немојте да чекате вашето дете да ве замоли за малку внимание како што мојата ќерка ме замоли мене - тие можеби нема да сакаат или нема да умеат да кажат. Немојте да очекувате и дека некој ќе ви остави порака - во денешен свет тоа е многу ретко. Бидете присутни денес за некој кој го сакате, макар и на кратко. Ако видете дека некој го прави тоа, оставете му порака, тоа сигурно остава голем впечаток“.