На неодамна одржаниот „здравствен самит“ во Хановер беше заклучено дека постојаната достапност на медицински информации на интернет, чија точност е под знак прашалник, им влијае вознемирувачки на пациентите.
На конференцијата се собрале медицински професионалци, политичари, претприемачи, научници и разговарале за дигитализацијата на здравствената заштита.
Претседателката на лекарската комора, Maртина Венкер, укажа на сѐ пошироката појава на сајберхондрија - страв од сериозни болести по пребарувањето симптоми на интернет. Ваквите пребарувања само го зголемуваат стравот на луѓето подложни на хипохондрија, покажуваат истражувањата.
- Ние, лекарите, мора сериозно да ги сфаќаме стравовите на пациентите и да им ги изнесеме сите информации, а тоа најдобро се реализира во комуникација во четири очи - вели Венкер.
По истражувањето објавено на почетокот на годината, половина од германските корисници на интернет барем еднаш месечно пребарувале здравствени теми. Пред посета на лекар тоа го прават 58 отсто, а откако добиле дијагноза, 62 отсто.
Повеќе од половина испитаници биле задоволни со информациите што ги пронашле на интернет.
- Сметаме дека кога станува збор за употребата на интернетот за медицински цели, придобивката ја надминува негативната страна - вели авторката на истражувањето, Марион Гроте-Вестрик.
Таа смета дека лекарите треба да ги едуцираат пациентите и да ги упатуваат на
веродостојни медицински веб-страници засновани на научни факти. Исто така, вели дека информации од таков вид треба да бидат внесени во здравствениот картон на пациентот.