„Нетфликс“ објави дека бара нова стјуардеса која ќе се придружи на „екипажот од соништата“ на еден од приватните авиони на компанијата. Оттаму наведуваат дека се подготвени да платат 354.858 евра годишно за оваа работна позиција, односно околу 30.000 евра месечно.
Работното место, чие седиште е во Сан Хозе, Калифорнија, предвидува патувања во и надвор од САД со авион со суперсредна големина. Од кандидатите се бара и да можат да кренат товар до 13,6 килограми.
Стриминг-гигантот бара кандидати кои се одликуваат со независно расудување, дискреција, извонредни услужни вештини и со голема лична мотивација.
Од кандидатите се очекува да можат да му помогнат на „Нетфликс Авиејшн“ да обезбеди доверлив воздушен транспорт и да бидат способни да ги извршуваат своите задачи со дискреција.
Компанијата не понуди фиксна плата за улогата, но го наведува целокупниот опсег на пазарот на трудот за слични позиции, помеѓу 55.000 и 350.000 евра. Конечниот износ на платата ќе биде одреден од широк оспег на фактори, вклучувајќи ги вештините и искуството, велат од „Нетфликс“.
Улогата бара флексибилност за работа со различен работен распоред, вклучително домашно и меѓународно патување, кое често бара работни денови за викенд и празници и продолжени периоди на патување.
Стриминг-гигантот има 30 канцеларии низ целиот свет вклучувајќи локации во Мадрид, Сеул, Токио, Мексико Сити и Лондон.
Извор:
CNBC
Фото: Freepik